Фудбалерите на Мајнц ги освоија трите бода на гостувањето кај Фортуна во Диселдорф, победувајќи со 1:0 (0:0) во првиот натпревар од 13-то коло на германското првенство, одигран во петокот вечерта.
Стрелец на победничкиот погодок за Мајнц беше францускиот напаѓач Жан-Филип Матета во 67 минут. Со петтата победа сезонава Мајнц собра 18 бодови и моментално е на осмото место на табалата на Бундеслигата, додека Фортуна остан на 9 бодови и на 17-то место кое води во понизок ранг. Зад неа е само Штитгарт со 8 бодови.
Во водство е Борусија Дортмунд со 30 бодови, четири повеќе од второпласираната Борусија Менхенгладбах. Трет е франкфуртски Ајнтрахт со 23 бодови, а четврти е Лајпциг со 22 бодови. Актуелниот германски шампион минхенски Баерн е дури петти со 21 бод.
Во сабота играат Борусија Д – Фрајбург, Хановер – Херта, Штутгарт – Аугсбург, Вердер – Баерн и Хофенхајм – Шалке. Во недела ќе се одиграат уште три меча, во кои се среќаваат РБ Лајпциг – Борусија М, Ајнтрахт – Волфсбург и Нирнберг – Баер Леверкузен.