Американскиот државен секретар Антони Блинкен во средата патува за Мексико за да се обиде да најде решенија за новиот прилив од мигранти на границата, предмет на жестока политичка дебата во Соединетите држави, пренесува AFP.
Реткото патување во текот на празниците доаѓа додека републиканските избрани функционери во Конгресот бараат договор за имиграцијата со администрацијата на претседателот Џо Бајден од владејачките демократи, во замена за нивната поддршка за новиот пакет помош за Украина.
Во последните седмици, околу 10.000 луѓе дневно се обидуваат илегално да ја преминат јужната граница на Соединетите држави, што е речиси двојно повеќе од бројот мигранти пред пандемијата. Карван од илјадници мигранти во неделата го напушти јужниот дел на Мексико за да се обиде да стаса до САД. Преплавени од приливот, американските власти мораа да ги затворат граничните премини за да се справат со мигрантите кои се обидуваат илегално да ја преминат границата.
Антони Блинкен во средата во Сиудад де Мехико треба да се сретне со мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор. Државниот секретар ќе биде придружуван од секретарот за внатрешна безбедност, одговорен особено за граничната полиција, Алехандро Мајоркас и советникот за внаѕтрешна (домашна) безбедност, Лиз Шервуд-Рандал.
Претседателот Лопез Обрадор, кој телефонски разговараше со Џо Бајден во четвртокот 21. декември, вети дека ќе ги зајакне мерките за задржување на мигрантите на југот на земјата, на границата со Гватемала.
Поранешниот републикански претседател Доналд Трамп, кој се подготвува да се соочи со Џо Бајден на гласачките места во ноември 2024 година, неодамна ги удвои своите напади врз мигрантите, обвинувајќи ги за „труење на крвта“ на Соединетите држави, коментири коишто според неговите клеветници ја повторуваат нацистичката реторика.
Во овој напнат политички контекст, демократите се обидуваат да најдат договор за имиграција со републиканците во Конгресот за истовремено да одобрат трошење 61 милијарда долари за помош на Укрина во војната против Русија. Белата куќа предупреди дека „ќе останеме без ресурси“ за Украина до крајот на годината. Во преговорите, администрацијата на Бајден особено предложи финансирање на дополнителни 1.300 работни места во рамките на граничната полиција.
Вашингтон несомнено ќе побара од Мексико да продолжи да ги задржува мигрантите на нејзина територија, на пример, давајќи им работни дозволи, проценува Ендрју Рудман, истражувач специјализиран за Мексико во тинк-тенк центарот „Вилсон“ во Вашингтон.
„Администрацијата на Бајден се обидува да покаже, од домашни политички причини, дека прават сѐ што можат“ по ова прашање, објаснува тој. Но, „еден од предизвиците е тоа што сите сакаат итно решение на глобалниот проблем кој постои долго време“, „нема волшебно стапче“. „Повеќето од овие луѓе емигрираат затоа што донеле рационална одлука: нивниот живот ќе биде подобар во САД“, додава тој.
Повеќето од нив бегаат од централноамериканските земји опустошени од сиромаштија, насилство и природни катастрофи. Според ОН, во последните месеци има зголемување на бројот на мигранти од Хаити, опустошени од насилство на бандите и од Венецуела, од која по падот на нејзината економија побегнале повеќе од седум милиони луѓе.