ФОТО| Бурите во Австрија предизвикаа 190.000 удари од гром во еден ден

Силниот дожд и град предизвикале штети низ цела Австрија во петокот, а метеоролошката служба UBIMET забележала 190.000 удари на гром во алпската земја во еден ден, што е највисока бројка оваа година, пренесува во саботата агенцијата dpa.

Во западната сојузна покраина Форарлберг, врнежите во долината на Рајна во близина на езерото Констанца биле толку обилни што дрвјата се свиткувале, некои куќи останаа без покриви а патиштата биле поплавени поради блокираните одводи.

Поради големото количество атмосферска вода што се влева во Рајна, властите превентивно ги затворија областите во близина на реката за јавноста.

Австриската компанија за осигурување од град (Österreichische Hagelversicherung) ја проценува вкупната штета во Форарлберг на околу 1,2 милиони евра. Уништени се повеќе од 5.000 хектари земјоделски култури, се додава во соопштението.

Патиштата во соседната покраина Тирол биле блокирани од одрони од кал делумно се отворени во саботата. Патиштата Оберинтал и Вилгратентал останаа затворени.

Во југоисточната покраина Штаерска бурите предизвикаа поплави и соборија дрвја. Во соседната јужна покраина Корушка, службите за итни случаи беа распоредени на неколку езера за да ги спасат капачите, веслачите и сурферите кои не можат да стигнат до брегот поради силните бранови.

Околу 40 летови мораа да бидат откажани во петокот навечер на аеродромот во Виена поради неповолните временски услови.