За време на посетата на СВР Битола, техничкиот министер за внатрешни работи информира дека во фаза на изработка е протокол за организација на изборите во услови на коронавирус.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска беше во работна посета на СВР Битола, каде што, како што соопштија од МВР, бил запознаен со мерките и активностите што се преземаат за справувањето со пандемијата од коронавирусот.
Како што информираат од МВР, од овој сектор за внатрешни работи досега се изречени вкупно 1 904 прекршочни казни за неносење заштитна опрема и се поднесени 382 кривични пријави против 579 сторители за непочитување на забраната за движење.
„Генералниот впечаток од состанокот во врска со постапувањето на полициските службеници е дека ширењето на пандемијата на територијата на СВР Битола е ставено под контрола, граѓаните се совесни и ги почитуваат мерките за заштита на сопственото здравје и за користење на заштитна опрема“, се наведува во соопштението на МВР од состанокот во Битола.
Исто така, тема на работната средба биле и претстојните парламентарни избори, при што од раководството на СВР – Битола го запознале министерот Чулев дека се подготвени за организација на изборите, за што говори фактот дека на територија на овој сектор не е потврден ниту еден случај на вработен во МВР кој е позитивен на ковид-19. Во тој контекст, Чулев потенцирал дека е во фаза на изработка протокол за организација на изборите во услови на коронавирус и по негово завршување ќе се изврши измена во мобилната апликација за полициските службеници и ќе се реализираат нови обуки кои ќе бидат приспособени на овој протокол.
„Неопходно е да се преземат сите активности со кои ќе се гарантира здравјето на граѓаните, но и ќе се спречат сите изборни нерегуларности, со што ќе се гарантира дека изборниот циклус ќе биде фер и демократски“, наглсил Чулев во своето обраќање.
Во рамки на работната посета, Чулев присуствувал и на превентивна акција во чии рамки од страна на полициските службеници биле поделени заштитни маски на граѓаните на Битола. Во оваа пригода министерот, како што се посочува, уште еднаш апелирал до граѓаните да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките за заштита на своето здравје.