Две лица загинаа вчера во судар меѓу мал туристички авион „Цесна“ и американски ловец Ф-16 во воздухот над Јужна Каролина, информираат странските медиуми.
Пилотот на ловецот успаеал да се катапултира, пред неговиот авион да се урне, прецизираа од военовоздухопловната база Шоу во Јужна Каролина, каде авионот бил стациониран.
Пилотот е однесен во базата за медицински преглед, а локалните медиуми соопштуваат дека по несреќата тој се наоѓал во свесна состојба и можел да оди.
Сударот се случил на 18 километри северно од градот Чарлстон. Федералната служба за истраги на сообраќајни несреќи (NTSB) информира дека во несреќата загинале пилотот и патникот во едномоторната „Цесна C150“.
Авионите се судриле во близина на малиот цивилен аеродром во регионот, што на воздухопловните карти бил означен како „воена оперативна зона“.
Ова е втор инцидент со Ф-16 во САД во последните две недели. На 24 јуни при обука во државата Аризона се урна ирачки ловец, кога загина пилотот, потсетуваат француските медиуми.