Пронајден е планинарот по кој се трагаше од синоќа откако беше пријавено дека паднал од карпа во реонот кај Титов Врв. Синоќа околу 20 часот беше пронајден и планинарот кој извести за несреќата и тој околу три часот ноќеска е пренесен во болница заедно со началникот на СВР Тетово кој исто така се здобил со телесни повреди, информираа изутринава од Центарот за управување со кризи.
-Пронајдени се двете лица кои беа исчезнати на падините на Шар Планина во реонот кај Титив Врв. Едното лице, јавувачот на настанот, е пронајдено некаде по 20 часот и тоа од кај страната на Титов Врв околу три часот е пренесено кон Попова Шапка, а потоа и во болница. Заедно со него во болница е пренесен и началникот на СВР Тетово кој се здобил со телесни повреди. Со цел пронаоѓање на другото лице, екипа од припадници на специјалната единица на МВР беше упатена кон местото на настанот од другата страна односно преку Лешница и по неколку часови успеале да го лоцираат и пронајдат и второто лице кое паднало од карпа, стои во информацијата на фејсбук страницата на ЦУК.
Акцијата за спасување почна синоќа по добиен повик за итен случај на 112 откако едниот од планинарите паднал од карпа во провалија.