Додека Скопје се гуши во магла, на кратко избегнавме од бетонската џунгла и побаравме чист воздух и сончеви зраци на падините на Скопска Црна Гора.
Возејќи низ селата во овој регион бевме разочарани, маглата во утринските часови и и нив ги имаше прегрнато. Но, како што се качуваме на повисоко почнавме да ги гледаме сончевите зраци, а сивилото беше поретко.
Дабова шума, мирис на дрва, на трева, на кал, сонце кое силно бликаше, тоа не’ пречека вчера на Скопска Црна Гора. На кратко избегавме од маглата која со недели не’ гуши, и во недопрената природа на планината, надополнета со мирот на локалните манастири, сфативме дека на само дваесетина километри од центарот на градот се крие мал рај, кој вреди да се посети.
На речиси 600 метри надморска височина градот не се ни гледаше, чиниш е замотан во бела памучна обвивка.
Нашето патешествие беше кратко, но доволно за да ги наполниме батериите, да се израдуваме на сончевите зраци сред јануари, да заборавиме на маглата и сивилото во градот.
Додека ги посетувавме манастирите ја дознавме и интересната легенда за името на планината. Според една од мештанките, оваа планина порано се викала Света Гора, бидејќи имала голем број на мали цркви каде кога била забранета вера, селаните успешно ја сочувале. Кога почнале да се градат манастирите, а има околу десетина, дошле голем број на монаси, и од нивните мантии, гората поцрнела, па затоа почнале да ја викаат Скопска Црна Гора.
Па, затоа, уште од сега почнете да го планирате вашето бегство од градот следниот викенд, уживајте во она што го нуди планината, во мирот, во мирисот, во сонцето…