(ФОТО) Медиумите обвинуваат советничка на Ердоган за гинењето на 39 луѓе во лавината

Турските медиуми ја обвинуваат советничката на шефот на државата и поранешна пратеничка во парламентот од провинцијата Ван, Ѓулшен Орхан за смртта на 33 спасувачи во снежниот одрон во средата во источна Турција.

„Советничката на претседателот г-ѓа Орхан, спротивно на предупредувањата од спасувачите, наредила да се расчисти патот од снегот, бидејќи делегацијата што ја водела се упатила од настан во соседната област по патот кој се наоѓа во првата зона на лавините. Бучавата од тешката механизација за отстранување на снегот ја предизвикала новата смртоносна лавина, во којашто загинаа спасувачите“, изјави во директен пренос дописникот на телевизијата HaberTurk, Булент Ајдемир.

Според него, Орхан наредила да се ангажираат четири до пет машини за да го расчистат снегот од патот кој бил затворен поради ризик од лавини. Бучавата и вибрациите од работата на механизацијата ја предизвикала втората лавина со која биле затрупани спасувачите кои работеле на извлекување на настраданите во првата лавина од вторникот вечерта.

Приватната новинска агенција DHA пренесе дека едно тело е извлечено во четвртокот, со што бројката загинати во двете лавини се искачи на 39 луѓе. Спасувачките екипи со помош на кучиња трагачи во четвртокот ја продолжиле потрагата по исчезнатите, рекле од агенцијата за вонредни состојби за државната агенција Anаdolu.

Министерот за здравство Фахретин Коча претпладнето во четвртокот објави дека 47 лица остануваат во болниците, од кои шест се на одделите за интензивна нега но не се во критична состојба.

Претходно гувернерот на провинцијата Ван, Мехмет Емин Билмез, изјави дека во областа Бахчесарај загинале тројца патници на минубис а две се водат како исчезнати во снежен одрон. Во средата локалните власти соопштија дека новата лавина зафатила пет возила во кои имало повеќе од 50 спасувачи кои работеле на местото на настанот, од вкупно 300 работници на итните служби кои биле ангажирани на автопатот во близина на гратчето Бахчесарај опкружено со планини кон границата со Иран. Потоа беше потврдено дека во повторната лавина загинале 33 спасувачи.

Во четвртокот беше одржана церемонија за 11 воени полицајци, девет припадници на селската стража кои се платени од државата, и двајца пожарникари во Ван.