Денес уште еднаш ќе ја објавиме вистината која Шилегов се обидува да ја премолчи пред јавноста. Скандалозниот камп кој бил организиран од првиот скопски извиднички одред e проект финансиран од Град Скопје и во 2021-та година, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Ова е документ, информација испратена до директорите на средните училишта на Град Скопје за тоа кој проекти се избрани на јавен повик и финански и поддржани од Град Скопје. Во овој документ јасно е наведено дека проектите се насочени кон остварување на програмските цели на Град Скопје во областа на образованието.
Митева вели дека залудно се трудел Шилегов да ја одбегне одговорноста, скандалозниот камп и настаните кои се случиле се финансирани од Град Скопје и тоа јасно се гледа од овој документ кој ќе го достават до медиумите и јавноста.
„Ова е доволен показател дека Шилегов е еден од одговорните чинители во овој процес. Застрашувачки е фактот што Шилегов неколку дена наназад се обидуваше да се огради, ја лажеше јавноста велејќи дека не бил запознаен со спорната активноста. Дополнително, Шилегов тврдеше дека учесниците не биле организирани од средните училишта. Шилегов манипулираше со јавноста, но пред се со загрижените родители кога тврдеше дека настанот го шокирал и него, а од ова јасно се гледа дека тој знаел, го одобрил и финансирал проектот со скандалозна содржина. Дополнително, овој проект е еден од програмските цели на градот Скопје. Шилегов тврдеше дека ја споделува загриженоста и осудата за настанот, обидувајќи се да ја одбегне одговорноста која ја има. Со раскинувањето на договорот Шилегов даде директно признание“, посочи Митева.
Укажа дека очекувано е Градот Скопје да се грижи и да фининасира проекти кои ќе овозможат развој на младите, но јасно е дека градоначалникот Шилегов финансира проекти чија содржина задира во целокупниот развој на младите средношколци.
„Работењето на Шилегов мора да биде предмет на ревизија. Одговорност за злоупотреба на парите на граѓаните мора да има“, заклучи Митева.