Најмалку четири лица загинаа а уште 27 други се повредени со различни степени на повреди откако се урнала покривна стаклена тераса на коктел-бар и ресторан лоциран на првиот кат од двокатница во Плаја де Палма на шпанскиот остров Мајорка, објави во четвртокот вечерта весникот El Pais.
Полициски извори потврдиле дека катот се урнал врз приземјето на објектот, и додаваат дека од тежината на ударот се урнал и врз подрумот од зградата. Притоа, неколку од гостите останале заробени во објектот.
Клубот на плажата Медуза, на познатата туристичка улица Картахо е во првата зона на туристичката област Плаја де Палма, туристички центар во кој главно отседнуваат туристи од Германија.
Извори од локалната полиција кои учествувале во спасувачките напори уверуваат дека бројот на жртвите најверојатно ќе се зголеми, пренесува весникот. Се додава дека малку пред 22 часот по локално време успеале да спасат млад маж со скршена рака кој бил заробен под урнатините но во шуплина.
Раул Пурснами, сопственик на моден бутик наспроти урнатиот објект рекол за El Pais дека во текот на уривањето се слушнала многу силна бучава. Според него, сѐ се случило многу брзо, додека некои од гостите вечерале, а други танцувале.
„Излегував од простории и сѐ се урна, голема штета.. Теоретски секога година треба да се спроведува инспекција… Погодени сме. Не можам да зборувам, тие ми беа соседи“, рекол Пурснами.