Персоналот од Одделот за интензивна нега на скопската градска болница „8-ми Септември” во петокот претпладнето протестира пред канцеларијата на директорот Христијан Костов, а причината е напад врз персоналот од роднини на починат пациент.
Инцидентот се случил изминатата ноќ, а поради тоа интервенирала и полицијата. Во моментов тече состанокот на претставници на Синдикатот со директорот, пренесува порталот 360 степени.
Минатата седмица во кругот на Клинички центар, во организација на Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, се одржа получасовниот протест на здравствените работници против насилството врз нив. Тие до власта испорачаа неколку барања и дадоа рок тие да се исполнат. Во спротивно, како што рекоа, следниот протест ќе трае неограничено, до нивно исполнување.
Медицинарите, покрај во кругот на Клинички центар „Мајка Тереза“, протестираа и пред ГОБ „8 Септември“, пред Градска болница „Св.Наум Охридски“, пред поликлиниките и здравствените домови, ординациите и медицинските пунктови.
Протестот беше инициран од неодамнешните напади во неколку здравствени установи и и како потсетување на се поголемата зачестеност на ваквите напади.