ФОТО| Откако пропадна дел од улицата 9 мај зад Универзална, сега градилиштето плива во вода, фирмата продолжува да гради на опасен терен

Kон крајот на март годинава, на почеток на градба на зграда на улицата 9 Мај, зад Универзална сала, поради погрешни инженерски проценки, пропадна дел од улицата и се отвори огромна дупка, што предизвика бурни реакции во јавноста и критики за изведувачите на новите згради во центарот на Скопје.

Сега истото место е полно со вода и наликува на езеро, со што сѐ почигледно е дека на ова место е многу опасно наскоро да никне зграда и да се живее во неа.

И покрај сите досегашни укажувања од Општина Центар, како и платени казни по инспекциски контроли, градежната фирма продолжува со активности, иако е очигледно дека станува збор за терен кој не е соодветен за изградба на станбена зграда.

Еден ден после таа случка во март и гласната реакција на жителите на улицата, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, изјави дека инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ ќе добие фактура за причинета штета по одронот поради непочитување законите, односно ќе плати казна и ќе добие наредба од инспекторите за стопирање на градењето додека не се санира штетата.

„Сета онаа штета што е направена во делот на рушење на дел од улицата ќе биде фактурирана на инвеститорот на таа зграда. Договоривме одредени насоки и задолженија за што побрзо го обезбедиме просторот и самата јама. Општината целосно ќе ја преземе надлежноста на улицата „9 Мај“ и ќе ги санира проблемите со кои се соочуваат граѓаните за да истите бидат безбедни“, изјави тогаш Герасимовски.

Инаку, на инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ и изведувачот „Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, градилиштето зад Универзалната сала неколку пати му беше затворено од градежната инспекција.

По пропаѓањето на улицата, од општината соопштија тогаш дека фирмата е парично казнета. „Поради спротивно постапување од издаденото одобрение за градење Општина Центар изрече 5 глоби и тоа: 4.000 евра во денарска противвредност за непреземање на мерки за обезбедување на градилиштето; 500 евра во денарска противвредност за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи Инжинеринг“, 7.000 евра за правното лице – изведувач „ Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, 500 евра за одговорното лице во правното лице – изведувач и 500 евра за градежниот инжинер за изведба“.

Инспекторите заедно со градоначалникот Герасимовски му наложија на инвеститорот да ги обезбеди потребните услови, па дури потоа да гради.

Но, градителот очигледно продолжува да гради без да ги почитува условите за градба.

Казните очигледно ги платил, но инспекторите изгледа не си ја завршиле до крај истрагата, затоа градежните работи очигледно се одвиваат на несигурен и многу опасен терен.