
Организацијата НовАсном, во неделата во Мелник, со неколку забранети организации од Република Бугарија, како и организации од Македонија, и македонски претставиници од Албанија и САД, заедно го чествуваше денот на убивството на големиот македонски револуционер Јане Сандански..
„Го одбележуваме денот кога големиот борец Јане Сандански, до последниот час не попушти пред притисоците да ја запре борбата за слободна Македонија, остана доследен на своите идеи и принципи според кои, само македонскиот народ треба да одлучува за својата иднина и судбина“, се вели објавата на организацијата.
Истакнуваат дека од Мелник порачиваа дека денес Република Македонија и македонската нација „стојат исправени пред слични, ако не и, пред исти предизвици кои ги имаше Јане од сите негаторските политики за постоење на самостојна и суверена Македонија и македонска држава“.
„Јане се бореше за Македонија на македонците — ние денеска ја изгубивме Република Македонија. Јане сонуваше, македонците да бидат признаени како посебен народ и посебна нација а денеска, на сила се антимакедонските стратегии за редизајнирање и негирање на македонскиот народ.
Денеска во дел од Европската унија, се кршат основните човекови права на македонците, тие не можат да го изучуваат својот мајчин македонски јазик, забрането им е да се собираат во културни, религиозни и политички движења, а серијата на пресуди за кршењето на нивните права пред судот за Човекови права во Стразбург се игнорира. Од друга страна Европската Комисја не ги спроведува законите на ЕУ и не ги казнува членките на ЕУ кои го кршат основното човеково право на Македонците и нивниот пат во ЕУ.
Уште полошо, денеска политичката волја на македонскиот народ изразена на референдумот од 8 Септември 1991 и 30 септември 2018 не се почитува и неговото основно право на самоопределување не се почитува. Затоа ја немаме Република Македонија.
Ние од НовАсном се обрзуваме да го следиме патот на Јане Сандански, да се бориме против оспорувањето на македонскиот идентитет, да се бориме за македонското прашање и македонската држава и да се избориме за нашите основни човекови права и правото на самоопределување, право втемелено во повелбата на Обединетите Нации. Од патот што го трасира Јане не се откажуваме и ги повикуваме сите патриоти да ни се придружат во нашата борба за да повторно бидеме победници“, се истакнува во објавата.