
Со цел да се подигне нивото на услуги на корисниците на патиштата, но пред се во насока на зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот и оваа година ЈП за државни патишта го продолжува проектот за осветлување на клучките на државните патишта.

Осветлувањето на 12 клучки и раскрсници на регионални патни правци со поддршка одСветска Банка е отпочнато и се очекува овие активности да завршат до средината на септември оваа година.Се работи за клучките Оризари, Истибања, Удово,Асамати,Љубојно, Македонски Брод, Пелинце,Виница, Лаквица,Росоман и клучка Карпош- Куманово. Вкупната должина на осветлен пат на овие 12 клучки изнесува 10.200 метри, а ќе бидат поставени вкупно 255 еднокраки и двокраки канделабри. Инвестицијата е во вредност од 36 милиони денари.

Директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов денеска направи увид во градежните активности на клучката Карпош- Куманово на регионалниот пат Куманово – Свети Николе како и на клучката Пелинце на делницата Куманово-Пелинце.
На клучката Карпош активностите се во поодмината фаза и се работи на поставување на канделабрите, додека на клучката Пелинце е завршено со бетонирање на фундаментите за канделабрите, по што ќе се отпочне со нивно поставување.

Паралелно се отпочнати градежните работи и на клучките Асамати, Љубојно и Суводол-Македонски Брод, а се планираат активности за отпочнување и на клучките Оризари, Истибања и на влезот во Виница.