Бројни реквизити и стимулативни алатки во сензорната соба на ООУ. „Илинден“ во Крива Паланка, во која ќе може да работат и да ги развиваат своите потенцијали, учениците со образовни потешкотии водени од специјалните училишни едукатори.
„Целосното вклучување на децата со попреченост во редовниот училишен систем не е лесна задача, но ние како локална самоуправа имаме цел да создадеме услови за еднаков квалитет и пристапност на децата во образовниот систем. Со огромно задоволство ја ставаме во употреба сензорната соба, која ќе ги прошири можностите за работа и за создавање креативни активности за децата со попреченост, а со тоа ја зголемуваме понудата на активности во создавањето на инклузивна општина која ќе понуди еднакви можности за развој на сите нејзини граѓани“ – вели градоначалникот на Крива Паланка.
Сензорна соба во основното училиште ООУ. „Илинден“ во кое се образуваат 604 ученици е од огромна важност за општина Крива Паланка, бидејќи е прва сензорна соба во образовна институција..
„Нашето училиште е најголемо и тоа е матично на три други подрачни училишта. Постоењето на сензорната соба е можност за стимулација на учениците со попреченост во заштитена и контролирана средина, во која преку индивидуална работа ќе се овозможи нивно активно вклучување во воспитниот и едукативниот процес. Со добивањето на вака соодветно опремениот простор, мотивацијата кај стручниот тим е поголема и нѐ поттикнува постојано да ги развиваме нашите капацитети како образовна институција, и кадровски и технички, во која сите деца ќе имаат еднакви можности за раст и развој“ – изјави Марица Николовска, директорка на училиштето ООУ. „Илинден“.
Целосното вклучување на учениците со попреченост во образовните текови е цел на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија.
„Со отворање на осмата сензорна соба го одбележуваме 20 февруари, Денот на социјалната правда. Фондацијата „Чекор по чекор“ повеќе од 25 години реализира активности и придонесува кон создавање на еднакви можности за остварување на социјалните права, и развива и спроведува програми кои го унапредуваат образованието со цел секое дете да има пристап до квалитетно образование. И во следниот период со проектот „Биди ИН, биди инклузивен, биди инклудиран“ ќе продолжиме со активности кои се однесуваат на унапредување на образованието и на неговата инклузивност и пристапност.“ – вели Сузана Киранџиска извршна директорка на фондацијата „Чекор по чекор“.