Австралиската полиција соопшти дека најмалку шест лица загинале, а три се водат како исчезнати по силните грмотевици што ги погодија источните австралиски држави за време на божикните празници според Грегоријаскиот календар, а десетици илјади домаќинства останале без снабдување со електрична енергија во државата Квинсленд.
Полицијата во државите Викторија и Квинсленд ја потврди смртта на шест лица, од кои најмладото е деветгодишно девојче за кое локалните медиуми објавија дека било зафатено во поплавен одвод од наврнатите води.
Полицијата ја продолжи потрагата по две лица исчезнати откако бродот на кој се наоѓале се преврте јужно од островот Грин во близина на Бризбејн. Тие трагаат и по 46-годишна жена која била зафатена од поплавата северно од Бризбејн во местото Гампи.
Силни грмотевици ги погодија источните држави на 25-ти и 26-ти декември, доносувјќи голем град, силен ветер и силен дожд. Реките се излеани, а силниот ветер носел покриви и уривал дрвја во некои од најтешко погодените области.
Метеоролошката агенција сè уште на сила ги држи предупредувањата за помали поплави во источните држави и се предвидува натамошен дожд.
Државниот дистрибутер „Energex“ со седиште во Квинсленд во средата соопшти дека околу 86.000 домаќинства останале без струја по невремето. Компанијата соопшти дека претрпела сериозни оштетувања на својата мрежа со повеќе од 800 далноводи исклучени и се очекува да бидат потребни денови за да се врати напојувањето на некои корисници.