(ФОТО) Шпанската полиција упадна на универзитет, уапси рапер осуден за неговите стихови

Десeтици шпански полицајци упаднаа во вторникот на универзитет и уапсија рапер кој таму се забарикадирал откако беше осуден на затвор поради наводно величење на теороризмот и навредување на кралот во своите песни.

Пабло Хасел имал рок до минатиот петок да ѝ се предаде на полицијата и да оди на отслужување на деветмесечната затворска казна којашто судот му ја изрекол во 2018 година.

Изрекувањето на казната за музичарот тогаш предизвика безредија во Шпанија, а владата најави дека ќе ги измени законите за слобода на говорот, односно ќе ги направи помалку рестриктивни.

Раперот деновите се засолнил на уневрзитетот во Леида, на североистокот на Шпанија, заедно со група негови приврзаници. Кусо во вторникот утрото се судриле со полицијата, фрлале столчиња и ги испразниле противпожарните уреди врз вооружените полицајци во заштитна опрема, кои подоцна го одвеле Хасел

Познат по своите радикални левичарски убедувања, Хасел е осуден поради песните и твитовите со алузии на забранетата баскиска сепаратистичка органиација ЕТА, споредувајќи ги шпанските судии со нацистите и поради тоа што поранешниот крал Хуан Карлос го нарекуваше мафијашки бос.

„Победата ќе биде наша…. Нема да има заборавање, ниту простување“, извикувал раперот со крената тупаница кога го опколила полицијата и привела во затворот, а само неколку часа претходно повторно на Twitter ги објавил стиховите поради кои е осуден.

„Твитовите поради кои ќе ме затворат за неколки минути или часови. Утре тоа може да бидете вие“, напишал во пораката на социјалната мрежа на кои го следат 125.000 корисници.

Повеќе од 200 уметници, меѓу кои и прославениот шпански режисер Педро Алмодовар, актерите Хавиер Бардем и музичарот Жоан Маниел Сера, ја потпишаа петицијата против апсењето на Хесел.

Шпанската левичарска влада изјави минатата седмица во реација на случајот дека ќе го реформира законот кој во 2015 година го донела претходната конзервативна влада за да го спречи величењето на забранетите вооружени групации како што е ЕТА. Покрај тоа, со законот се забранува и навредување на религиите и на монархијата.

Социјалистичката влада наведе дека ќе направи измени во смисла на поблаги казни, а законот ќе се однесува само на постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир или поттикнуваат на насилно однесување.

Баскиската ЕТА своето распуштење го објави во 2018 година, по четиридецениската кампања на насилства кога беше прогласена за терористичка организација а која заврши во 2010 година.