Земјотрес со јачина од 8,2 степени по Рихтер го погоди крајбрежјето на Чиле и предизвика цунами бранови со височина од околу два метри, јавуваат светските новински агенции, пренесува Нетпрес.
Според информациите на геолошката служба на САД, епицентарот на земјотресот бил на 86 километри северозападно од чилеанскиот пристанишен град Икике, во Тихиот океан на длабочина од 10 километри. Во земјотресот загинале најмалку пет лица, четири мажи и една жена. Тие биле затрупани под урнатини, објавува “Франс Прес“.
Аларм за опасност од цунами бранови бил објавен и во Еквадор и во Перу, каде земјотресот исто така бил силно почуствуван. Тихоокеанскиот центар за предупредување од цунами, стациониран на Хаваите, испратил предупредување и до властите во Колумбија, во Коста Рика и во Панама.
Осум последоватилни потреси се случиле по првичниот земјотрес. Најсилниот од нив бил со јачина од 6,2 степени. По земјотресот властите во Чиле наредиле итна евакуација на целото население во северното крајбрежје на државата. Дел од патиштата во овој регион биле затрупани од наноси. Во паниката, предизвикана од земјотресот, во градот Икике околу 300 осуденички побегнале од затвор, јави „Асошиејтед Прес“.
Последниот силен земјотрес во Чиле беше регистриран во 2010 година, кога во потрес со јачина од 8,8 степени според Рихтеровата скала загинаа 524 лица, а беа урнати околу 220.000 објекти.