Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска денеска во Градскиот парк имаше средба со граѓаните на Скопје кои ја искажаа својата поддршка.
Граѓани од сите скопски населби дојдоа и лично да се запознаат и разговараат со, како што велеа, својот иден градоначалник. При тоа, тие отворено и непосредно дискутираа со Арсовска за програмата и визијата за модерно Скопје.
Ги изнесуваа своите разочарувања од моменталната состојба во градот, од големите недостатоци во функционирањето и управувањето со градските служби, загаденоста и нечистотијата во градот и бараа од Арсовска што побрзо решавање на овие итни проблеми.
Беа присутни и претставници на здруженија и граѓански асоцијации кои бараа исполнување и на специфични потреби за одредени групи граѓани и прилагодување на градската инфраструктура за сечии потреби.
Беа споделувани идеи и разменувани предлози како Скопје да стане европска метропола со можности за достоинствен живот, за развој и просперитет на младите.
Арсовска пред средбата со граѓани имаше и прес-конференција во Градски Парк.
„Скопје не е чист еколошки град и загадувањето во Скопје сè уште е тема меѓу скопјани. Година кога времето е ветровито може да ги намали параметрите кои укажуваат на загадувањето, но тоа во ниту еден случај не е трајно решение. Во програмата за модерно Скопје планирано е формирање на зелен совет со експерти за животна средина и претставници од невладиниот сектор каде ќе се разгледуваат сите прашања од областа на екологијата и урбаниот хаос во Скопје. Ќе се отвори и зелена линија каде граѓаните ќе може да пријават загадување и инциденти поврзани со животната средина, а инспекциските и интервентните тимови ќе преземат акција веднаш без одложување“, истакна Арсовска.
Арсовска во своето излагање вели дека во изминатите денови започна зголемување на загадувањето и само за четири дена бројките кои го покажуваат степенот на загадување се зголемуваат и тоа е достапна информација во јавноста од официјалната страна и на Министерство за животна средина и просторно планирање. Токму затоа таа најавува сериозен пристап и почеток на системско решавање на проблемите веднаш, без одложување.
Како едно од решенијата во програмата на Арсовска е и гасификација на Скопје со што ќе се овозможи еколошко решение за скопјани, како и креирање на повеќе зелени површини во градот, што дополнително ќе придонесе до намалување на загадувањето и овозможување на чиста и здрава животна средина за сите скопјани.
„Со работа за конечна реализација на гасификацијата и ќе се овозможи еколошко решение за скопјани. Ова е едно од барањата на коишто посочуваат скопјани. Дополнително, ќе се реализираат 5 нови мега парка. Мора да има системски решенија за загадувањето. На скопјани им е доста од оправдувања дека нема време нешто да се среди. Знаеме сите дека треба волја и план. Потребни ни се ефикасни и целосни, а не половични решенија. Да почнеме да ги менуваме работите, за наше Скопје, за модерно Скопје“, заклучи Арсовска.