Со искрени желби за здравје и бериќет, со македонска музика и по некое оро, со насмевки на лицето, со чашка греена ракија и бадниково гранче во рацете, со благослов од поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, со честитки до новиот кум, скопјани го прославија Бадник, денот пред Христовото раѓање во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во срцето на градот.
По 22 пат благодарение на граѓанското здружение Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје познати и како скопските бадникари, скопјани и стари и млади се собраа на платото пред Соборниот храм каде што го прославија големиот христијански празник со бадниково гранче, греана ракија и нафора.
Честа да ја каже здравицата на бадникарски свечености денеска ја доби примариус доктор Владимир Плавевски, а овогодинешниот Методија Стефановски – Тоде познат како Тоде Панда донесе погача, а дома си замина со новиот преоден ќуп и порака дека кумството ќе му донесе голема среќа во новата година.
Откако утринава ги разбудија коледарчињата, со весела песна и срамежливи насмевки, скопјани се собраа во Соборниот храм на традиционалните бадникарски свечености, да запалат свеќа за мир во домот, да земат осветeна вода и нафора за здравје, да донесат бадниково гранче, симбол на големиот христијански празник.
Македонските пејачи ја загреаа атмосферата, повеселите се фатија на оро, а сите ги слушнаа зборовите за здравје, разбирање и среќа на г.г. Стефан.
Мојсо Мојсовски од Здружението посочи дека оваа година се воведува нов преоден ќуп, бидејќи стариот кој беше користен десет години ќе се постави во Градот Скопје, заедно со предходниот. Од оваа година има и нов пајтон, па ќе има еден за стариот и еден за новиот кум.
Откако го испратија кумот, продолжи веселбата, но, домаќинките побрзаа дома, треба да се подготви посна вечера. Од секој дом денеска се шири мирис на сарма и пржена риба, децата се радуваат и ги пребројуваат јаболките, оревите, костените и бонбоните собрани утрината, се меси лепче и секој се надева дека паричката нему му ќе му се падне и ќе му досене среќа, здравје и бериќет.
Во обраќањето пред собраните верници г.г.Стефан честитајќи им го празникот, го истакна значењето на Бадник како голем христијански празник, кој веќе 20 столетија ја содржи тајната на богораѓањето, празник од кој, вели, извира постојана радост, поради објавата на Христовото раѓање во Витлеем.
„Божик најдобро ќе го обележиме ако покажеме дека нашето срце е подготвено да го прими во себе и да биде и пештера и јасли за богомладенецот, ако покажеме дека Бадник ни е секој ден и дека Бог постојано се раѓа во нашите души“, порача поглаварарот г.г. Стефан.
„Нема сопствена среќа ако другите се несреќни. Нема поголема радост ако е радост за сите. Бидете здрави, среќни и успешни. Радувајте се на животот и на нашите христијански празници и обичаи“, порача кумот Стефановски.
Уживајте во предвечерието на големиот празник..утре е Божик, Христос се роди!