Во скопската населба Автокоманда, денеска традиционално се одржа 10-тото женско авторели, на кое учестуваат дваесетина жени, а целта е да се испрати порака за безбедно учество во сообраќајот, почитување на сообраќајните правила и прописи, но и вешто возење.
„Женското рели се прави со цел да ја подигне свеста на сите учесници во сообраќајот и да испрати порака дека не секогаш брзината е најважна. Најважно е да се вози безбедно и да се почитуваат сите сообраќајни правила и прописи“, рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
„Мартовското женско авторели“ го организираат АКК „Кастрол рејсинг тим“, Здружението на граѓани „Сообраќајна безбедносна зона“, општина Гази Баба и Град Скопје.
Според податоците на МВР, и покрај спротивното популарно верување во јавноста, статистиката покажува дека во изминатите години жените во Македонија се покажале како исклучително совесни учесници во сообраќајот.