![Ukraina](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/07/5661977.jpg?resize=696%2C443&ssl=1)
Сите преостанати патници од автобусот кои беа земени во заложништво во вторникот утрото во западниот украински град Луцк се ослободени, а грабнувачот ѝ се предал на полицијата по повеќе од 12-часовната заложничка драма, пренесе телевизијата „112 Украина“ која настанот го пренесуваше во живо.
Претходно напаѓачот ослободи повозрасна жена, бремена жена и тинејџер, и во автобусот останале 13 заложници. Украинските власти првично известија дека во автобусот имало 20 патници, но подоцна бројката беше коригирана на 16 лица.
Нападот врз автобусот започнал со експлозија, а потоа заложниците излегле од автобусот. Откако сите заложници излегле од возилото, припадниците на украинските специјални сили го опколиле автобусот и го заземале со препад.
Украинската полиција го уапсила терористот кој го зема во заложништво автобусот во Луцк, а притоа сите зеложници се живи и безбедни. Според агенцијата AFP повикувајќи се на полициски извор, грабнувачот кој е идентификуван како Максим Кривош, роден во соседна Русија и веќе претходно двапати осудуван за кривични дела, и се предал на полицијата.
„Готово е“, напиша на Twitter веднаш по завршувањето на операцијата украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков.
Истовремено е соопштено дека украинските безбедносни сили во градот Харков уапсиле лица кои се осомничени за соочесништво во земањето заложници во Луцк, кое украинските власти го водат како тероризам.
„Во Харков беа уапсени лица кои имале некоја поврзаност со него“, изјавил портпарокот на министерството за внатрешни работи Артем Шевченко без да даде поединости.
Грабнувачот претходно се закануваше дека е вооружен и оти поседува експлозивна направа, како и дека уште една сокрол на друга локација во градот којашто може да ја активира со далечински управувач. Беше објавено и дека наводно еден од заложниците е повреден, како што тврдел напаѓачот.
„Нема ниту едно повредено лице, ниедна друга експлозивна направа не е пронајдена во градот“, соопшти министерот Аваков.