Градската клиничка болница во јужниот украински град Херсон, како и дом на семејство се тешко оштетени во гранатирање од страна на украинските сили, пренесуваат во неделата руските медиуми повикувајќи се на информации од ткн Главна управа на Министерството за внатрешни работи на регионот Херсон.
Регионот Херсон се наоѓа во јужна Украина и се граничи со Крим. Руското Министерство за одбрана во средината на март соопшти дека руските трупи ја презеле целосната контрола врз регионот. Кон крајот на април таму беше формирана воено-цивилна администрација. Регионалните власти подоцна објавија планови за приклучување кон Русија.
„Како резултат на денешните ракетни напади врз Херсон од страна на украинските формации, оштетена е градската клиничка болница…“, се наведува во објавата на сепаратистичките проруски власти во регионот на Telegram платформата.
Се наведува и дека во ракетниот напад, исто така, е погоден приватен станбен објект при што според прелиминарните податоци повредени се две лица.
„Куќа во Херсон во која живеело семејство со дете е целосно уништено во гранатирање од страна на украинската војска. Според првичните информации две лица се ранети. Украинските сили продолжуваат со нападите врз регионот Херсон, загрозувајќи ги првенствено животите на цивилите“, се наведува во друга објава на проруските власти на регионот.
Како што пренесе агенцијата ТАСС повикувајќи се на својот дописник од Херсон, системите за противвоздушна одбрана на руските единици распоредени во регионот во неделата биле активни во регионот, а притоа се слушнале детонации од четири експлозии а бил забележан чад во центарот на градот.
Во следната објава на Telegram, сегашните власи на Херсон посочуваат дека во гранатирањата врз областа украинските сили ги користат неодамна добиените од САД повеќекратни ракетни лансери HIMARS, оценувајќи дека Киев ги користи за гаѓање на цивилни цели со цел да го казни локалното населени кое масовно се определило за присоединување со Русија.
„Нацистите од вооружените сили на Украина стрелаат врз станбените области во Херсин, фрагменти од проектилите од HIMARS паѓаат од небото“, се вели во објавата