Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата германска гостинка, канцеларката Ангела Меркел, во четвртокот му понудија помош на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој во сериозна состојба се лекува во руска болница и наводно е отруен.
Макрон и Меркел изјавија дека се длабоко загрижени за тоа што се случува со Навални, еден од најжестоките критичари на рускиот претседател Владимир Путин.
Макрон истакна дека е крајно заинтересиран за резултатот од истрагата за тоа што ја предизвикало болеста на Алексеј Навални.
Тој додаде дека Франција е подготвена да му обезбеди каква било помош што му е потребна, вклучително и азил и медицинска помош.
Навални, кој водеше серија протести против администрацијата на Путин, беше на лет од Томск кон Москва кога почнал да не се чувствува добро.
Авионот принудно слетал во Омск. Навални (44) е на интензивна нега и е приклучен на респиратор. Неговите соработници велат дека отров бил ставен во чајот што го испил утрото.
Russian opposition leader Alexei Navalny is in intensive care in Siberia after being poisoned. Doctors say someone slipped an unknown substance into his tea. https://t.co/WcbrEf1TTJ
— max seddon (@maxseddon) August 20, 2020
Фотографија од Навални како пие чај од хартиена чаша на аеродромот брзо се проширила на социјалните мрежи.
Патник од летот Павел Лебедев објави дека на социјалните мрежи пишувало дека Навални на почетокот на летот отишол во тоалет и не се вратил. Брзо му се слошило и викал од болка. Медиумите објавија и снимка од авионот, на кој се слуша како Навални вика од болка.
Меркел рече дека Германија инсистира на расветлување на околностите што довеле до болеста на Навални, а исто така понуди и медицинска помош во една од германските болници.
„Се надевам дека брзо ќе закрепне и ако од нас се побара ќе му обезбедиме медицинска помош, вклучително и во германските болници, но прво мора да добиеме барање“, рече таа на заедничката прес-конференција со францускиот претседател.
Тие се состанаа во Форт де Брегансон, традиционална летна резиденција на француските лидери во јужна Франција.
„Она што е исклучително важно е брзо да се разјаснат околностите што стојат зад ова. На тоа инсистираме, бидејќи она што досега го слушнавме е доста лошо. Тоа мора да се направи транспарентно“, додаде Меркел.