(ФОТО) Во Кочани им правеле улица, а тие си украле дел од неа

Додека се бетонирала улица во Кочани во Ромското маало, некои жители виделе шанса да си ги средат споствените дворови и си го „позајмиле“ свежиот бетон.

Имено, кракот од улицата „Стамен Манов“ во Ромското маало во Кочани, кој денеска беше бетониран, моментално е уништен. Жители на улицата, додека бил свеж бетонот, си земале од него и го распоредувале по сопствена волја. Очевидци го пријавиле делото кај надлежните служби, а претставници на Одделението за внатрешни работи и на компанијата изведувач веќе биле на увид.

– И покрај сите заложби да обезбедиме пристојна инфраструктура, неодговорни граѓани го уништуваат направеното. Навистина жалиме што со вакви пречки во реализацијата на проектите честопати се соочуваме. Уништувањето на патната инфраструктура значи уништување на јавното добро и е казниво со закон – соопшто Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Општина Кочани  преку  шемата за мали грантови финансирана од Европска Унија и Советот на Европа – РОМАКТЕД програмата „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“ обезбеди грант за реализација на проектот Реконструкција на два крака на улицата „Стамен Манов“, со кој е предвидено бетонирање на два крака коишто ги поврзуваат улицата „Стамен Манов“ со м.в. Колерски гробишта, во вкупна должина од 255 м и ширина од 3,5 м.  За имплементација на овој проект се потпиша договор  помеѓу Советот на Европа и Општина Кочани, а Советот на Општина Кочани донесе одлука за сопствено учество – кофинансирање ма проектот