ФОТО| Во Управниот одбор на ФЗОМ цела година не се почитува одлуката за намалување на надоместоците

Цела година во Управниот одбор на Фондот за здравство не се почитува владината одлука за намалување на надоместоците за ченовите на управните одбори, и тоа токму од претставници коишто би требало најмногу да бидат вклучени во штедењето во услови на растечка инфлација и сѐ поизвесна тежок кризен претстоен период.

На 20-ти април минатата 2021 година, веќе во услови на пандемиската криза, Владата донесе заклучок за зголемување на надоместоците на членовите на Управните одбори на јавните институции и организации, на претседателите од 12.000 на 18.000, а на членовите од 10.000 до 15.000 денари. Меѓутоа, веќе 30-ти јули истата година, донесен е нов заклучок со кој се поништува овој од 20-ти април, и на сите институции од јавниот сектор им се укажува дека треба да ги вратат надоместоците на нивото од пред априлската одлука.

Меѓутоа, Управниот одбор на Фондот за здравство, очигледно, не постапува по владините заклучоци и цела година по нив сѐ уште земаат по 18.000 денари претседателот, 17.000 денари заменикот претседател и по 15.000 денари членовите. Тоа многу јасно се проверува преку алатката open finance од каде може да се види кој колку и кога ги земал таквите надоместоци.

Особено боде очи тоа што претседателот на овој управен одбор доаѓа од Министерството за финансии, извесен Дејан Николовски. Имено токму тој би требало најмногу да се грижи за финансиската одржливост и состојби, посебно затоа што е државен советник за јавен долг и задолжувањата на државата, во случајов, што овозможува расипничко трошење.

Од друга страна, според вчера објавените податоци просечнастапка на инфлацијата во периодот јануари – јули годинава изнесува 10,9 отсто, за што најголем удел од три четвртини, имаат растечките цени на храната и енергијата. Само во јули, во однос на јуни годинава, пак, трошоците на живот пораснале за 1,9, а цените на мало за 2,5 отсто.

Од Народната банка објаснија дека „динамиката на инфлацијата и натаму главно е одраз на фактори на страната на понудата, односно на порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електрична енергија, која е под влијание на случувањата во глобалниот пазар на енергија“.

Сепак, со оглед на долготрајноста на овие трендови, ваквите притисоците брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања, па од централната банка истакнуваат дека тоа упатува на „потребата од водење претпазливи домашни политики“.