Франција ја почнува јавната дебата за контроверзното прашање на евтаназијата

AFP PHOTO / NICOLAS TUCAT

Големата јавна дискусија за чувствителното прашање на евтаназијата започна во Франција откако премиерката Елизабет Борн во петокот го отвори граѓанскиот парламент кој со тоа прашање би требало да се занимава со проблемот до крајот на март.

Тоа граѓанско собрание составено од 185 членови ќе изработи препорака за конечната одлука, којашто францускиот парламент би требало да ја донесе до крајот на следната година.

„Речиси и дека нема почувствително и посериозно прашање од она што ви е доверено вам. Не можеме да ја пренебрегнуваме позицијата на оние кои бараат активна помош на крајот од нивниот живот“, рече премиерката Борн.

Активната евтаназија, односно давањето средства за усмртување на луѓето, е забрането во Франција. Пасивната евтаназија на начин да се исклучат апаратите кои одржуваат одредено лице во живот или посредната евтаназија со која силни лекови ја ублажуваат болката и го забрзуваат умирањето, пак, се дозволени.

Прашањето за евтаназијата во Франција е силно контроверзно. Неколку случаи на болни луѓе кои сакале да умрат или чијашто смрт била предмет на повеќегодишна правна борба предизвикаа бурни расправи во француското општество.

Меѓутоа, дискусиите во парламентот во врска со промените на правните основи изминатите години не дадода никакви резултати.

Евтаназијата во Европската унија досега ја легализираа Шпанија и земјите од Бенелукс, а во Италија во ноември минатата 2021 година беше одобрен првиот случај на потпомогнато самоубиство кое дотогаш беше кривично казниво со 5 до 12 години затвор.

Врховниот суд на Холандија во април 2020 година донесе одлука дека лекарите можат легално да извршат евтаназија на лица со напредна деменција кои претходно во пишана форма изразиле таква желба, дури и ако повеќе не можат да ја потврдат поради својата болест.