Франција ќе мобилизира 100.000 полицајци и жандарми на новогодишната ноќ заради растурање забави и спроведување на полицискиот час воведен за борба против коронавирусот. Дополнителното обезбедување исто така има за цел да го запре палењето на автомобили што често се случува во последната ноќ од годината.
Франција потврди 2,6 милиони случаи на ковид-19, петти најголем број во светот и повеќе од 64.000 смртни случаи. Како и во другите европски земји, и во Франција ќе нема прослави за новогодишната ноќ среде пандемијата.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин нареди видливо присуство на безбедносните сили во центрите на градот и предградијата од 20 часот, кога започнува полицискиот час. Во Париз половина од линиите на метро ќе бидат затворени во вечерните часови, додека Дарманин исто така побара да се разгледа пошироко исклучување на јавниот превоз низ целата земја.
И покрај зголемениот број случаи и загриженоста за новиот заразен сој на вирусот, владиниот портпарол рече дека засега нема потреба од локални затварања. Франција имаше две затварања на национално ниво, а баровите, рестораните и културните атракции ќе останат затворени и во јануари.