
Повеќе историски температурни рекорди се надминати во понеделникот во Франција, на западот и на југозападот од земјата, објави националната метеоролошка служба Meteo-France, додека во Велика Британија седмицава го очекуваат можеби најтоплиот ден откако се вршат мерењата.
Температурните рекорди ги надминаа француските градови Брест, Сен-Брие и Нант, на западот, и Бискарос на југозападот, во текот на „најтоплиот ден од овој топлотен бран“.
Според метеоролошката служба, во 17 часот температурата се искачила до 39,3 Целзиусови степени во Брест каде што претходниот рекорд е забележан во август 2003 година од 35,1 Целзиусови степени. Во Сен-Брие измерени се 39,5 степени, о Нант 42 и 42,6 Целзиусови степени во Бискарос.
Велика Британија би можела оваа седмица да го забележи најтоплиот ден во историјата од почетокот на мерењата во 1884 година, бидејќи се очекува живата во термометарот да се искачи на 41 Целзиусов степен.
Во понеделникот измерени се 38,1 Целзиусови степени во Сантон Даунхам во источната англиска грофовија Сафолк, што е најтоплиот ден во земјата годинава.
Метеоролошката служба издаде „црвена тревога“ за понеделникот и вторникот за поголемиот дел од Англија, од Лондон до Јорк и Манчестер.
Досегашната највисока температура во Обединетото Кралство изнесува 38,7 Целзиусови степени измерени во Кембриџ во 2019 година.