Франција се пласираше во осминафиналето

Во средбата од второто коло од Групата Ц на Светското фудбалско првенство во четвртокот попладнето во Екатеринбург, Франција минимално со 1:0 го совлада Перу и на коло пред крајот на групата фаза обезбеди пласман во осминафиналето, бидејќи и во првото коло забележа победа над Австралија со 2:1.

Против Перу, кој на овој дуел бараше рехабилитација за несреќниот пораз против Данска, стрелец за „Триколорите“ беше Килина М’бапе во 34 минута.

Франција добро го отвори мечот со Перу, и во првите 15 минути создаде неколку добри шанси за погодок. Откако ударите на Гризман и Погба од дистанца не одеа во рамките на голот, во 14 минута во шанса по корнер се најде стоперот Варан, но неговиот удар со глава од пет метри мина крај стативата. Првиот удар во рамките од перуанскиот гол го упати Гризман една минута подоцна откако Жиру, кој овој меч го започна од почетокот, му ја спушти топката со глава, но голманот Галезе успеа да одбрани со нога.

Клучниот период во кој беше решен мечот, како што се покажа на крајот, се одвиваше од 31 до 34 минута. Прво Перу создаде одлична шанса за гол, но ударот на неговиот капитен Гереро, од осум метри францускиот голман Љорис успеа да го одбрани, а веќе во следниот напад на спротивната страна стаса казната. Погба им одзема топка на невнимателните играчи на Перу на триесетина метри од нивниот гол, и ја упати кон Жиру чиј удар го блокираше Родригез, но топката се одби точно пред М’бапе кому не му беше тешко да го погоди празниот гол. Голема можноста за удвојување на водството Франција пропушти во 43 минута, кога Ернандез остана сам еден метар во перуанскиот шеснаесетник, но неговиот удар Гелезе го одбрани.

Во второто полувреме Перу беше чувствително подобра екипа, откако започна со уште еден напаѓач Фарфан што придонесе за зголемување на притисокот врз француската одбрана. Сепак, освен повремени закани со удари од дистанца, Перу не успеваше да создаде посериозна шанса за гол. Најблиску до израмнување беше Аквино во 50 минута кога шутираше од 25 метри и го погоди горниот десен агол но во стативата, а Фарфан се обиде во 74 минута по нафрлувањето од Кариљо, но од тешка ситуација многу откосо од левата страна успеа со акробатски скок само да го погоди надворешниот дел од мрежата на францускиот гол. Франција, пак, најдобрата шанса во второто полувреме ја имаше 82 минута, кога корпулентниот Жиру уште еднаш со глава приземи долга топка и ја спушти за Демебеле, кој од 15 метри не го погоди голот.л

По двете кола Франција има максимални шест бодови, два повеќе од втората Данска, пет од третата Австралија, додека Перу остана без бодови, а со самото тоа ги загуби шансите да оди натаму на турнирот. Со ваквиот исход „Галските петли“ им се придружија на Русија и на Уругвај кои по само два кола, исто така, изборија осминафинале.