Француска министерка тврди дека нема вакцина во наредните 18 месеци

Евентуална вакцина против коронавирус нема да биде достапна пред 18 месеци, оцени денес францускиот министер за истражување Фредерик Видал, што е спротивно на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се надева на вакцина до крајот на годинава.

„Она што ни го кажуваат лабораториите, научниците и брзиот развој на клиничките испитувања, ни дава надеж дека вакцината ќе биде достапна за 18 месеци. Неразумно е да се мисли дека може да се направи побрзо од ова, само ако се загрози човековата безбедност“, изјави министерот за француско радио „Европа 1“.

Фредерик Видал ја коментираше изјавата на Трамп, кој рече во петокот дека се надева на вакцина до крајот на годинава, а можеби и порано.

„Сметаме дека ќе имаме многу добри резултати многу наскоро“, рече Трамп, додавајќи дека се надева на вакцината до крајот на годинава, „и можеби дури и порано бидејќи е постигнат спектакуларен напредок“.

Европската агенција за лекови (ЕМА), од своја страна, спомена рок до една година за вакцината во најдобар случај.

„Сите ние сме свесни дека истражувањето на вакцините обично бара неколку години работа“, рече францускиот министер.

Во светот постојат повеќе од 100 проекти за производство на вакцини, а во тек се десетина клинички испитувања.

Институтот Пастер во Франција ќе ги започне клиничките испитувања на својата вакцина во јули, а првите резултати се очекуваат во октомври