Француската Агенција за развој ќе продолжи да ја подржувa Mакедонија

Француската Агенција за развој (АФД) ќе продолжи да ги подржува земјите од Западен Балкан, информираа вчера од Амбасадата на Франција.

Министерот за Европа и Надворешни работи на Франција, Жан-Ив Ле Дриан, на Самитот во Лондон го објави продолжувањето на мандатот на АФД кон сите земји од Западен Балкан за поддршка на регионалната интеграција и приближување кон Европската унија. Овој нов регионален мандат на агенцијата вклучува три главни насоки: поддршка на процесите за приближување на овие земји кон Европската унија, особено во однос на поврзаноста и јакнењето на социјалната кохезија; поддршка за транзиции во правец на одржлив развој, а особено во поглед на енергетската транзиција, како и за територијалната и еколошката транзиција, во врска со Парискиот договор за климата; зајакнување на француското присуство во регионот, со што се придонесува кон зацврстување на нашите билатерални односи во многу области, стои во изјавата на портпаролот на министерството, Ањес Фон Дер Мил.

Според министерството, АФД ќе распореди широк спектар на финансиски и нефинансиски алатки во Западен Балкан, ќе ги искористи своите знаења за структурирање на проекти и поддршка на локално ниво. Нејзината активност ќе биде комплементарна со онаа на другите присутни донатори.

Овој влез на АФД во Западен Балкан зборува за посветеноста на Франција да ги поддржи шесте земји од регионот на патот на одржливиот развој, во полза на сите засегнати страни. Француската агенција за развој е централен актер во француската развојна политика, целосно во сопственост на француската Влада. Таа финансираше 700 проекти во 2017 година во висина од 10,4 милијарди евра. Таа е една од трите главни организации за финансиски развој. Износот на нејзините финансиски заложби се очекува во 2020 година да изнесува 12,7 милијарди евра, велат од амбасадата.