Француската крајна десница во тесно водство пред изборите в недела

Крајно десничкарската националистичка партија на Марин Ле Пен продолжува да ја губи предноста според новите анкети објавени во петокот пред одлучувачкиот круг од француските парламентарни избори овој викенд, откако сите партии од остатокот на политичкиот спектар направија сојуз кој треба да го оневозможи Националниот собир (RN) да дојде до мнозинство во парламентот.

Институтот Ipsos предвидува дека Националниот собир (RN) на Ле Пен и нејзините сојузници ќе обезбедат 175 до 205 места во парламентот, многу помалку од 289-те потребни за апсолутно мнозинство, но сепак е во водство.

Анкетата на институтот Harris Interactive на крајната десница ѝ дава 185 до 215 места.

Истражувањето на Ipsos ја стави левичарската алијанса Нов народен фронт (NFP) на второто место со 145 до 175 места.

Така и крајната десница и крајната левица имаат предност пре центристичките сојузници на претседателот Емануел Макрон. Тие се на третото место во анкетите, а Ipsos предвидува дека ќе освојат 118 до 148 пратенички места в недела.

Според Harris Interactive, левичарската алијанса би можела да добие меѓу 168 и 198 места, а таборот на Макрон од 115 до 145 места.

Во недела Франција гласа во вториот круг од изборите за одлучување за составот на идното Национално собрание. Само 76 од 577 места беа доделени во првиот круг пред една недела.

Центристичките сили на Макрон и левичарскиот сојуз оттогаш повлекоа стотици кандидати во тактички обид да обезбедат пораз на кандидатката Ле Пен.

По големата победа на Ле Пен во првиот круг, многумина во Франција и Европа останаа запрепастени. Анкетите, сепак, покажуваат дека трката е затегната во последните денови и дека вториот круг гласање може да доведе до парламент без јасно мнозинство.