Француската полиција растури 2.500 луѓе кои се журкаа од Нова година до денес

Повеќе од 2.500 луѓе се фатени на нелегално организирана забава во Франција, додека земјата продолжува да се бори против коронавирусот, пишува BBC.

Забавата, која се одржувала во магацин во Лиерон во близина на Рен во Бретања, почнала на новогодишната ноќ во четвртокот и траеше до денес, сè додека не интервенираше полицијата.

Голем број од журкаџиите се од Велика Британија и Шпанија, соопшти полицијата.

По рацијата, гостите се судрија со полицијата, палејќи еден автомобил и фрлајќи предмети кон полицајците кои се обидуваа да стават крај на настанот. Најмалку тројца полицајци се повредени.

Во соопштението на локалните власти се вели дека полицијата се обидела „да го спречи овој настан, но дека се соочила со жестоко непријателство од луѓето на забавата“.

Поголемиот број од луѓето на кратко преспивале во своите автомобили, пред да се вратат на танцување и журкање, пренесува Le Monde.

Некои учесници изјавија дека имале намера да останат до утре, додека други изјавија дека се надевале дека ќе останат до вторник. Немало одржување физичка дистанца на забавата, рекоа некои од нив.

Доцна во петокот, францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин одржал кризен состанок на кој се разговарало за настанот.

Издадени и наплатени се 450 парични казни за учество во нелегална забава, кршење на полицискиот час и неносење маски. Локалните здравствени власти ги повикаа учесниците на забавата да бидат во самоизолација седум дена.

Обвинителите во Рен отворија истрага за незаконска организација на музички настан и за насилство врз службени лица.

Франција воведе поран полициски час во 15 североисточни и југоисточни департменти, со почеток во 18 часот, наместо во 20 часот.

Франција веќе воведе национален карантин двапати од почетокот на пандемијата, а последниот беше олабавен во средината на декември, но рестораните и баровите уште се затворени и не е познато до кога.