Француските болници бараат ново „затворање“ на земјата

Челникот на француската болничка федерација побара во петокот да се воведе нов национален „локдаун“, за да се сузбие ширењето на коронавирусот.

Фредерик Валетуз, лидер на болничката федерација и градоначалник на Фонтенбло, јужно од Париз, изјави за телевизијата LCI TV дека ситуацијата во болниците засега е под контрола, но и дека во многу области е „многу напната“.

Изјавата на Валетуз доаѓа ден откако премиерот Жан Кастекс рече дека ситуацијата во земјата е „деликатна“, но и дека сѐ уште не е потребно ново „затворање“. Кастекс додаде и дека стапката на ширењето на заразата не се зголемила значително во последните две седмици, иако притисокот врз болниците е голем.

Меѓутоа, неколку водечки француски лекари не се согласуваат со премиерот. Карин Лекомб, шефица на одделот за заразни болести во болницата „Сен Антоан“ во Париз, вели дека новите мерки се „неизбежни“.

Франција минатата година воведе два карантина на национално ниво и во моментов на сила е еден од најстрогите полициски часови на светот, од 18 часот вечерта до 6 часот наутро.

Премиерот Кастекс истакна дека ова постепено воведување на построгите рестриктивни мерки овозможило стопанството да биде поотворено отколку во некои соседни земји. Предупреди, меѓутоа, дека не смее да се попушта и ги повика работодавачите да им овозможат на работниците повеќе да работат од дома.