Француските синдикати планираат уште еден ден на штрајкови и протести против пензиската реформа на претседателот Емануел Макрон, изјави во четвртокот синдикалната портпаролка.
„Обединетиот синдикален фронт продолжува да бара повлекување на реформата и повикува на уште еден ден штрајкови и протести во четврток, 23-ти март“, изјави на прес-конференција Кетрин Пере, претставник на синдикатот CGT.
Владата на претседателот Емануел Макрон во четвртокот прибегнаа кон специјална уставна процедура за да ја протуркаат спорната пензиска реформа без гласање во парламентот, каде неговата центристичка партија нема апсолутно мнозинство.
Постапката од член 49 точка 3 од Уставот ќе овозможи за две години да се зголеми границата за пензионирање на 64 години. Макрон и владата велат дека е неопходно подоцнежно пензионирање за да се извади пензискиот систем од „црвено“ до крајот на деценијата.
Илјадници демонстранти попладнево се собраа на плоштадот Конкорд во Париз како одговор на потегот на Макрон. Тие запалија дрвени палети, по што полицијата го затворила теренот. Полицијата наводно фрлила солзавец кон демонстрантите.
Протести на граѓаните кои се чувствуваат измамени се одржуваат и во други француски градови. Во градот Гренобл на југозападот на земјата, меѓу стотиците демонстранти беше и претставничката на синдикатот CGT, Карен Мантовани, која рече дека била очигледно наивна кога мислела „дека барем малку ќе ја почитуваат демократијата“, според за француската новинска агенција AFP.
Во градот Лил, демонстрант праша како претседателот Макрон можел да го чуе јавното противење на реформите. На транспарентот го прашал дали му треба слушно помагало.
Во Лион, на југот на земјата, се собраа околу 400 луѓе за да го повикаат Макрон да поднесе оставка.
Левичарите и десничарските националисти веќе најавија предлози за недоверба што мора да ги поднесат до петок попладне. Како што јави германската новинска агенција dpa, тешко дека владата ќе падне бидејќи лидерот на републиканците Ерик Чиоти веќе изјавил дека нивните претставници нема да поддржат гласање за недоверба.