Фридом Хаус: Македонија сѐ уште е хибриден режим во транзиција

И покрај малиот напредок во областите на независните медиуми и изборниот процес, земјава и натаму важи за хибриден режим во транзиција, наведено е во најновиот извештај на Фридом Хаус насловен како „Нации во транзиција“.

Извештајот покажува дека во целиот регион е забележан пад на демократијата, а како што е наведено во текстот, бројот на држави оценети како демократски не бил толку мал дури од 1995 година кога првпат бил објавен ваков извештај – од вкупно 29 држави, тогаш 10 биле оценети како демократии, 10 како хибридни режими и 9 како авторитарни режими. Но, сега, 25 години подоцна, 6 држави се оценети како демократии (Естонија, Летонија, Литванија, Чешка, Словачка и Словенија), 4 се оценети како полуконсолидирани демократии (Полска, Романија, Бугарија и Хрватска), 10 како хибриден режим (Украина, Молдавија, Грузија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Србија, Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово), една држава е оценета како полуконсолидиран авторитарен режим (Ерменија) и 8 земји важат за консолидирани авторитарни режими (Русија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан, Туркменистан и Азербејџан).