Фрлена експлозивна направа кон полициски пункт во Северна Митровица

Експлозивна направа во раните утрински часови била фрлена на киоск во улицата „Колашинска“ во Северна Митровица, кој косовската полиција го користела како контролен пункт, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.

Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани, вели дека во моментот на нападот во овој импровизиран пункт немало полицаец.

„Се верува дека експлозијата била предизвикана од пиротехнички средства во комбинација со запалив материјал“, вели Елшани.
Тој рече дека нема извештаи за повредени и дека е причинета само материјална штета.

Еден ден претходно косовскиот премиер Албин Курти, придружуван од министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, ги посети полицајците во оваа општина.

Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, таа посета ја сметаше за провокација.

Во северно Косово во последно време зачестија нападите со шок-бомби, рачни гранати и камења, главно врз објектите на четирите тамошни општини и полициските патроли откако косовските власти извршија апсење на неколкумина водачи на локалните Срби, осомничени за терористички дела, меѓу кои напади врз новинари, врз припадници на полицијата и на Меѓународните мировни сили во Косово, КФОР.

Во северно Косово од крајот на мај има зголемени тензии поради одлуката на косовските власти да ги преземат општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, со цел градоначалниците Албанци да имаат пристап до нивните канцеларии. Србите, кои го сочинуваат мнозинството во тие општини, остро се спротивставија затоа што ги бојкотираа априлските избори и не ги прифаќаат резултатите.