Џо Бајден 1.0 оставаше впечаток на смирена татковска фигура кога во 2020 година се врати од пензија, за да, како искусен и дискретен политички ветеран, ја залечи нацијата којашто неговиот претходник Доналд Трамп длабоко ја подели. Една година подоцна, запознајте го Бајден 2.0, фрустрираниот и налутен борец, се наведува во анализата на AFP во седмицата кога беше одбележана првата година од неговиот престој во Белта куќа.
„Заморен сум од тоа да сум мирен“, изјави Бајден во жестокиот говор минатата седмица.
Бајден зборуваше за своите бројни неуспешни „мирни разговори“ зад кулисите со сенаторите за да го поддржат неговиот клучен предлог-закон за гласачките права. Тие преговори можеби најдобро го резимираат очајот кој ги одбележа првите дванаесет месеци од неговиот мандат во Белата куќа.
Така, ако минатата година ја имавме благата верзија на Бајден, оваа може да се очекува погласен и повоинствен претседател кому му истекува времето и му недостигаат трпение и сојузници да го спаси она што преостана од неговите амбиции.
Бајден ја презема должноста на 20-ти јануари 2021 година, на 78-годишна возраст, станувајќи така најстариот американски претседател, а пред него беа големи предизвици. Пандемијата од Covid-19 беше надвор од контрола, приврзаниците на Трамп само две седмици насилно се обидоа да ги поништат претседателските избори тврдејќи дека се украдени во полза на Бајден, стопанството беше во кома, а американските сојузници сѐ уште во шок од мандатот на Трамп кој жестоко ги критикуваше и бараше од нив повеќе вложувања во сопствената одбрана наместо за тоа да плаќаат САД. Одговорот на Бајден на тоа, вклучително и експлозивните тензии поради расизмот, беше да вети способност, старомодна пристојност и единство.
„Целата моја душа е во тоа. Да се обедини Америка, да се обедини нашиот народ“, вети Бајден во својот инаугурациски говор пред една година.
И дури се чинеше дека има можност да успее во тоа. Неговите демократи тесно ги контролираа двата дома на Конгресот, истовремено Трамп доживотно го исклучија од Twitter, а вакцините против Covid-19 беа подготвени.
„Могумина очекуваа дека Бајден, имајќи го предвид неговото лично искуство и познавање на Вашинтон, ќе постигне… возовите повторно да стасуваат навреме. Се очекуваше враќање во нормалата“, вели Лара Браун, директорка на Факултетот за политички менаџмент при Универзитетот Џорџ Вашингтон.
Арогантност
Соочен со ширењето на делта и омикрон варијантите на коронавирусот, со сѐ повеќе поделената Америка и веројатниот пораз од републиканците на парламентарните избори во ноември на средината од мандатот и губењето на контролата над Конгресот, се чини дека среќата на сега веќе 79-годишниот Бајден му го сврти грбот.
Со мнозинство од само еден глас во Сенатот и одвај малку повеќе во Претставничкиот дом, неговиот план за голема потрошувачка наречен „Build Back Better“, станува безгласна буква на хартија. Исто како и законскиот пакет за гласачките права кој се смета „потребен за да се спаси американската демократија од приврзаниците на Трамп“. Декларираниот центрист, Бајден не успеа да се измири со десницата, ниту да ја задоволи левицата во неговата партија. И открива дека денес е тешко да се пронајде центарот.
Просечната поддршка на Бајден во јавноста изнесува слаби 42 отсто, според порталот fivethirtyeight.com, и е една од најслабите ако не и најслаба во историјата по првата година од мандатот на американски пратеник. А изнесуваше 53 отсто. Неодамнешното истражување на јавното мнение од Универзитот Квинипек, иако многу искокнува од другите анкети, покажало дека го поддржуваат само 33 отсто од граѓаните.
Идентичен е и неговиот рејтинг во странство. Иако на челниците на сојузничките земји им се допаѓа тоа што САД не ги води Трамп, понижувачкото повлекување на американските војски а по нив и на сојузничките од Авганистан ја растури аурата на наводната професионалност на администрација на Бајден. Русија, очигледно, не се загрижува многу поради САД и заканите на Бајден за „невидени санкции“.
Сето тоа доведе до горко будење во однос на деновите кога Белата куќа даваше впечаток на идеализам и кога се зборуваше дека Бајден ќе биде ист како и неговиот јунак Френклин Рузвелт кој ги водеше САД низ Големата депресија во 1930-те години.
„Нивниот оптимизам, во комбинација со очекувањата на јавноста дека сето тоа ќе биде решено, ги направи арогантни“, кломентира споменатата Браун.
Помалку бука или борба?
Сѐ уште е можно сценариото во коешто Бајден излегува како победник: доколку пандемијата се издува, стопанството се стабилизира, инфлацијата попушти и демократите на Бајден на крилјата на задоволството успеат навреме да направат пресврт од споменатите законодавни порази и подготвени да ги дочекаат парламентарните избори.
Соработниците на Бајден истакнуваат дека усепале да го протуркаат низ Конгресот планот за спасување во износ од 1,9 билиони американски долари, односно третиот круг од поттикнувањето на стопанството поради корона-кризата и да се спречи уште поголема беда. Демократите, што треба да се истакне, добија и силна поддршка од републиканците при усвојувањето на инфраструктурниот план во износ од 1,2 билиони долари. Но сето тоа со многу тесно мнозинство во Конгресот.
Годинава, меѓутоа, е поверојатно продолжување на внатрепартиските борби во Демократската партија, и победата на Републиканската партија на ноемвриските избори кога може да освојат еден или дури двата дома на американскиот парламент. Во тој случај би се зголемиле шансите дека Трамп ќе се кандидира на претседателските избори во 2024 година.
Дејвид Ингатиус, колумнист на весникот The Washington Post кој е во центарот на мејнстрим естаблишментот кој ги поддржува неолибералите и демократите, му советува на Бајден да се врати на својот вообичаен пристап кој го карактеризира „помалку бука и повеќе разборитост“.
Меѓутоа, Бајден е стеран до ѕидот и навестува дека е песимист.
„Не ја сакав оваа борба. Но ниту ќе бегам од неа“, изјави во вториот драматичен договор претходно на 6-ти јануари, тогаш по повод одбележувањето на годишнината од насилниот упад на приврзаниците на Трамп во Конгресот.