ФСБ: ЦИА хакирала ајфони на дипломати во Русија

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) тврди дека открила голема операција на ЦИА за следење со помош на ајфони.

„ЦИА инсталирала малициозен софтвер на илјадници телефони на Епл што ги користат руски државјани и странски дипломати што работат во земјата, тврди Федералната служба за безбедност (ФСБ).

ФСБ денеска соопшти дека заедничката операција со Федералната гарда (ФСО) „открила надзорна операција на американските разузнавачки агенции, извршена со употреба на мобилните уреди на Епл“.

Процената на руската телекомуникациска инфраструктура открила „аномалии“ во работењето на ајфоните, предизвикани од „претходно непозната малициозна програма што користи софтверски пропусти обезбедени од производителот“, се вели во соопштението на агенцијата.

Неколку илјади телефони направени од Епл се заразени со малициозен софтвер, според ФСБ.

Целта не биле не само руски државјани, туку и „странски телефонски броеви и претплатници што користат СИМ-картички регистрирани во дипломатските претставништва и амбасади во Русија, вклучително и земји од НАТО блокот и постсоветскиот простор, како и Израел, Сирија и Кина“, пренесе РТ.