Селекторот на руската репрезентација Фабио Капело веќе ја договорил оставката со челниците на Фудбалската федерација, но таа ќе биде официјално објавена дури утре, тврдат тамошните медиуми.
Засега, се знае само дека разделбата е на взаемно задоволство, а италијанскиот стручњак ја договорил отштетата што ќе ја добие, но сумата не е толкава како во неговиот договор. При отказ, на Капело требаше да му припаднат 32 милиони евра и токму затоа Русите точно една година бараа начин како да го сменат.
Неофицијално, чашата ја прелеал срамот при поразот од Австрија на домашен терен по што руската репрезентација е во опасност да не се пласира на Европското првенство во Франција.
Се уште не е познато кој ќе биде наследник на Капело. До следниот натпревар има уште еден месец, но челниците на Федерација веројатно ќе почекаат уште десетина дена за да ангажираат нов селектор.