СДСМ не донесе одлука дали заедно со претседателските избори напролет ќе се одржат и предвремени парламентарни избори. На вчерашната седница на Централниот одбор, присутните само дебатирале за или против избори и кои се предностите и недостатоците ако се оди само на претседателски без парламентарни или да се оди заедно и на парламентарни.
Пожелни се претседателски и парламентарни избори заедно. Но, така ја губиме најголемата придобивка за спроведување на реформите, двотретинското мнозинство во парламентот од 81 пратеник. Ако има избори, ќе дојдат нови пратеници од опозицијата, а тешко дека СДСМ и коалицијата ќе освојат 80 пратеници, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК функционер на СДСМ, кој сака да остане анонимен додека партијата не донесе конечна одлука.
Според мејнстрим медиумие на власта, за предвремени парламентарни избори, наводно, отворено се заложиле само министрите Дамјан Манчевски и Рената Тренеска Дескоска, кои и претходно најавија вакви ставови во изјавите за медиумите, како и организацискиот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, додека вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска имала „поизбалансиран“ став.