Кризата меѓу сунитските арапски земји од Персискиот залив и малиот емират Катар кој е обвинет за поддршка на тероризмот би можела да заврши со војна, предупреди во саботата германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел, иако смета дека уште има шанси за смирување на тензиите, додека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган повика кризата да биде решена до крајот на светиот муслимански месец Рамазан.
„Постои опасност дека овој спор би можел да доведе до војна“, изјави шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел за весникот Frankfurter Allgemeine Sonntagszeitung, укажувајќи на „драматичното“ заострување на односите меѓу земјите во Персискиот залив.
Габриел вели дека личните разговори од оваа седмица со колегите од Саудиска Арабија, Катар и Турција и телефонските разговори со министрите за надворешни работи на Иран и на Кувајт, ги потврдиле неговите причини за загриженост.
„По моите разговори од оваа седмица, знам колку ситуацијата е сериозна, меѓутоа верувам дека постојат, исто така, добри шанси за напредување“, вели германскиот дипломат.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган му кажал на бахреинскиот министер за надворешни работи дека спорот меѓу Катар и другите арапски држави треба да се реши до крајот на Рамазан, односно 24 јуни, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
Ердоган во петокот му вети поддршка на Катар откако одобри испраќање на турски војници во оваа земја, кои другите арапски земји ја изолираа обвинувајќи ја дека ги поддржува екстремните исламистички и терористички групи, како и дека се приближува кон нивниот голем регионален ривал шиитстки Иран. Чавушолу рече дека Турција ќе продолжи да се обидува спорот да се реши преку дијалог.
„Нашиот претседател, исто така, ја нагласи потребата од решение на ова вознемирувачко прашање до крајот на Рамазан, бидејќи тоа е противно на нашата вера, уверувања и традицијата, особено во текот на овој празник“, рече шефот на турската дипломатија.
Бахреинскиот министер за надворешни работи шеикот Халид бин Ахмед бин Мохамед ал-Калифа му ги објаснил на Ердоган потезите на Катар кои довеле до спорот и истакнал дека е потребна гаранција дека Катар нема да продолжи со тоа.
Чавушоглу, исто така, рече дека турската воена база во Катар, во којашто во моментов има 90 војници, треба да придонесе за стабилноста на целиот регион, како и дека акцијата за испраќање на дополнителен контингент од над 200 војници, борбени авиони и бродови, не е насочена против ниедна земја, што било поздравено од шеикот ал-Калифа.
Турскиот дневен весник Hurriyet во петокот објави дека Турција покрај тоа што во првата фаза ќе испрати околу 200 до 250 војници во Доха да испрати во рок од два месеца и воени авиони и бродови. Ердоган указот во четвртокот ноќта го потпиша указот со кој гои одобри предлог законот за соработката во военото оспособување на Катар. Турција на Катар му вети, исто така, снабдување и со храна и со вода за пиење, кои недостигаат во оваа земја по нејзиното изолирање од соседите.
Турција и Катар го поддржуваат забранетото во Египет движење Муслимански браќа, и вооружената сунитска опозиција против сирискиот алавитски (шиитски) претседател Башар ал-Асад.