Галески до Шилегов: Како една иста маркетинг агенција е победник на тендерите во Град Скопје? Грдата реалност се покрива со скапи кампањи

На денешната седница на Советот на градот Скопје советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Луке Галески, изнесе повеќе информации кои фрлаат сомнеж за промотивните активности и кампањи на градоначалникот Шилегов кои се платени со народни пари.

Во месец февруари градот Скопје склучува договор со агенцијата Њу Момент. Цената на договорот е 8 милиони денари. Воочливо е да се забележи дека како и повеќето јавни набавки особено кога станува збор за асфалтирање, но и други активности на градот, има само една понуда. И таа е оценета како единствена и „нормално” најниска. Во иста таква постапка градот Скопје склучува договор со истата Пи-Ар агенција и во 2020 година во месец февруари во износ од 2,5 милиони денари. И во 2019-та година исто така договор со град Скопје овој пат во износ од 2 милиони денари, истакна Галески.

Тој посочи дека оваа компанија не е случајна, и дека таа е добитник и на други тендери, поврзани со владини институции. Само оваа година омилената агенција на власта добила тендери од Државна видео лотарија, од МНР, претходно од Секретаријат за европски прашања, Централен регистар. Таа е истата агенција која доби грант од Фондот за иновации воден од Коста Петров. Дали ова не е начин за можеби предвремено отплаќање на некоја идна кампања, и дали грдата реалност ќе се покрива со скапи кампањи, праша советникот Галески.

Тој се осврна и на поврзувањето на Ѓорче Петров со Илинденска кое преставува уште едно неисполнето ветување на Шилегов. Констатирајќи дека после 4 години е јасно дека Шилегов не си ги сработи основните проекти, кои сам ги вети.