Сите јасно се согласуваме дека членството во ЕУ е примарна цел и за Северна Македонија и за целиот регион. И покрај пречките што се појавуваат на тој пат, не треба да се откажувате, порача британската амбасадорка Рејчел Галовеј во обраќањето на Првиот Скопски економски форум.
– Во изминатите три години Северна Македонија многу напредна и тоа треба да продолжи. Земјата ги исполни барањата во врска со стабилноста, реформите, договорот со Грција, а членството во НАТО е огромен придонес за мирот и стабилноста во регионот – рече Галовеј.
Според неа, најголем проблем е корупцијата, тоа ѝ попречува на демократија и е пречка за развојот на економијата.
– Клучна е и регионалната соработка. Соработката со Грција напредува и има уште голем потенцијал. Потребна е регионална соработка. Луѓето се најзагрижени поради невработеноста. Реформите треба да одат паралелно со интеграцијата во ЕУ – владеење на правото и развој на економијата. Но, не сите во земјата и во светот сакаат тие реформи да успеат, зашто се водат од своите интереси и ги злоупотребуваат билатераланите несогласувања. Шоковите како пандемијата се предизвик. Северна Македонија има амбициозни цели и ако трпеливо и посветено ги решите предизвиците земјата ќе може да биде пример за регионот – рече Галовеј.
Амбасадорот на Италија Андреа Силвести истакна дека Рим ја поддржува европерспективата на сите држави од Западен Балкан. С Македонија, рече италијанскиот амбасадор, направи многу и Советот на ЕУ во март 2020 реши дека треба да ги почне преговорите за членство. Сепак, вели, останува уште многу и да се постигне бидејќи европската интеграција е процес.
– Од тие причини сите чекори треба да се преземат внатрешно во однос на реформите, законодавството да се усогласи со актите на ЕУ. Значи агендата со реформите треба да продолжи и ова може да се направи на регионално ниво. Ова е пристапот кој што Италија силно го поддржува – нагласи амбасадорот Силвестри.
Италија е меѓу главните економски инвеститори во регионот, кој рече е од стратешка важност за Рим и затоа поддржуваат иницијативи како ЦЕИ, Јадранско-јонската, а ја нагласи и важноста на инфраструктурното поврзување.
Поголемата регионална соработка, додаде тој, ќе овозможи поефективно да се решат некои други заеднички предизвици како борбата против трговијата со луѓе, климатските промени, тероризмот…Инфраструктурата и регионалната соработка се предуслов за економскиот прогрес, но само тие не се доволни, потребно е да се вклучат и граѓаните, порача Силвестри.