Ганиу: Каменот што се вади на улицата во Чаршијата повторно ќе се стави

Нема да се уништи Старата скопска чаршија, туку таа се ревитализира со 600.000 евра грант од Светска банка и со сите дозволи од Управата за заштита на културното наследство, рече денеска градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, по острите реакции во јавноста дека се менува калдрмата среде пандемија.
Ганиу вели дека истиот травертин што се вади повторно се користи за поплочување на улиците во Чаршијата. Тој тврди дека не се точни информациите дека каменот се продава.
– Потребата од имплементација на овој проект е тоа што улиците беа уништени од атмосферските влијанија, движење на возилата за достава и слично. За проектот кој го почнавме во декември, ја имаме известено јавноста. Се реконструира улицата Самарџиска на површина од 1.800 метри квадратни со травертин. Травертинот се вади и се чува во магацин, а штом ќе бидат завршени подземните инсталации, тој ќе се нареди на улицата Самарџиска – вели Ганиу.
Проектот опфаќа и реконструкција на излозите на 75 дуќани, со поставување натписи, тенди, кои ќе бидат унифицирани. Изработена е и апликација за опис на спомениците, ќе биде поставена целосна сигнализација низ чаршијата и ќе се замени подземната електрична инсталација за осветлување.

Активностите во Чаршијата се дел од проектот „Промоција на туризмот во Старата скопска чаршија“, кој се спроведува со грант од 600.000 евра од Светска банка.