Гардијан: Како се спроведува едукација за сексуално репродуктивно здравје и права за млади со интелектуална попреченост во Македонија ( I дел)

Престижниот британски весник „Гардијан“  подготви сторија за проектот „Девојките одлучуваат“ во чии рамки се правеа стории во неколку земји во светот за положбата на жената на различни теми. Во Македонија се работеше за едукацијата за репродуктивно и сексуално здравје и права за млади со интелектуална попреченост. Нивниот новинар ја посети Македонија пред околу година дена, а по повод  Неделата на сексуално и репродуктивно здравје и права на лицата со попречност, кој ја организира ХЕРА. Затоа, во соработка со невладината организација ние ќе ја пренесеме нивната сторија преку приказните на вработените во центрите и лицата со интелектуална попреченост.

 „Главната цел на нашиот сервис е нивниот личен развој – да ги направиме што понезависни, а ова е дел од таа работа.“

 Луѓето со интелектуална попреченост (ЛИП) се соочуваат со голема стигма во Македонија. Постојат само неколку дневни центри за вакви лица така што многу од нив едноставно остануваат дома со семејството. Нивната невидливост во заедницата носи предрасуди, а погрешните сфаќања во врска со нив продолжуваат и понатаму.

devojkiteodlucuvaat

Многу семејства се грижливи и полни со љубов но, во одредени случаи, дискриминацијата започнува уште во самиот дом бидејќи на ваквите деца се гледа со срам. Други пак, се однесуваат прекумерно заштитнички, а трети се обидуваат да ги занемарат тешкотиите на своите деца инсистирајќи тие да влезат во брачни односи бидејќи сметаат дека на тој начин ќе можат да почнат со „нормален“  живот. Погрешно е да се мисли дека сексуалноста е прашање кое не ги засега или пак не треба да ги засега лицата со интелектуална попреченост , односно дека тие едноставно не треба да имаат секс. Се разбира дека ваквите млади лица се сексуални битија како и сите други, со чувства и потреби, но и со еднакви права како и сите останати.  Од друга страна, пак, тие се мошне поранливи, поточно, се претпоставува дека веројатноста луѓето со интелектуална попреченост да станат жртви на сексуална злоупотреба е три пати поголема отколку кај оние без попреченост.

Родителите, исплашени од претпоставката дека нивните деца можат да бидат злоупотребени или пак да забременат, се случува да не разговараат со нив за нивната сексуалност или ги спречуваат да добијат информации за вакви прашања мислејќи дека тоа е најдобриот начин да ги заштитат.  Кога ќе покажат знаци дека сакаат да ја истражат сопствената сексуалност, како на пример преку мастурбација, се случува едноставно да им се соопшти дека таквото однесување е лошо и дека мора да престанат со тоа. Македонија е земја каде што едукацијата за сексуално репродуктивно здравје и права е ограничена за сите граѓани, особено за млади луѓе кои не посетуваат редовни училишта. Во редовното образование, сексуалноста се предава само како дел од општата наставна програма од предметот „животни вештини“  во којшто, меѓу другото, се вклучени и теми како шиење и домаќинство. Во рамките на ваквото образование, сексуалност за ЛИП претставува двојно табу. ХЕРА верува дека со ускратување на ваквите познавања тие се непотребно изложени на потенцијална злоупотреба, но и на непочитување на нивните сексуални права.

Во 2009 година Здружението за здравствена едукација и истражување (ХЕРА), членка на Меѓународната федерација за планирано родителство (IPPF) беше едно од четирите здруженија-членки на кое Европската мрежа на IPPF му обезбеди финансиска поддршка за развивање знаењата за работа со ЛИП. Тричлен тим од ХЕРА заедно со претставник на Министерството за труд и социјална политика, деканот на Филозофскиот факултет во Скопје, еден родител на дете со интелектуална попреченост и еден вработен во ПОРАКА-македонска невладина организација која работи со лица со интелектуална попреченост  ја посетија Северна Ирска за да научат како работи Асоцијација за семејно планирање (FPA) во таа земја.

Благодарение на стекнатото искуство таму,  ХЕРА подготви манифест што претставува документ за партнерство со сите чинители како и план за воведување едукативни работилници за сексуално репродуктивно здравје и права кои ќе се спроведуваат во центрите каде што учат ЛИП. Овие едукации ги спроведуваат вработените во центрите, во кои ЛИП имаат доверба, откако претходно ќе поминат соодветна обука организирана од ХЕРА . Целта на оваа задача беше да се научат ЛИП како да си го заштитат сопственото сексуално и репродуктивно здравје и да им се укаже како да уживаат одговорно и на здрав начин во својот сексуален живот. Вработените во ХЕРА, исто така учествуваа на неколку сесии во самите центри. Денес, оваа програма се спроведува во шест дневни центри и една државна резиденцијална институција.  До сега, 81 лице ги искористило овие сервиси , односно 31 лице од женски пол 50  лица од машки пол.  ХЕРА има за цел да обезбеди одржливост на овој проект преку обука на секој нов вработен во центрите. Обуките ќе ги споредуваат претходно обучените колеги. Во моментот постојат планови за обука за родителите преку исти методи со цел да се овозможи родителите да продолжат и дома да ги пренесуваат пораките што младите ги добиваат во центрите.

 Весна Турмаковска, психолог во ХЕРА, ја предводи програмата за сексуалност

 Во седиштето на ХЕРА во Скопје, таа ни објасни како, преку внимателна работа со родителите, се постигнува клучниот развој на оваа програма.

 „Сексуалноста е дел од животот на овие млади луѓе. Тие се сексуални битија и секојдневно ја искажуваат својата сексуалност.“

„На почетокот одредени родители беа исплашени дека со самото изучување на сексуалноста нивните деца ќе се охрабрат да се впуштат во сексуални врски.  Други пак, велеа дека ова е одлична идеја и дека сега е вистинското време да се направи такво нешто затоа што беа загрижени што ќе се случи со нивните деца кога нив ќе ги нема во нивните животи. Трета група родители само сакаа да се предаваат општи теми од типот на телесните разлики и развој на органите во текот на пубертетот.

devojki22

„За среќа, успеавме да ги убедиме родителите.  Им објаснивме дека целта е да им се предадат вештини со цел да станат понезависни во своето живеење, но и дека можат да избираат со кого ќе се дружат, кои ќе им бидат пријатели, како да прават разлика меѓу пријателство и љубов.“

Во другиот дел од градот, во Дневниот центар за возрасни на ПОРАКА, во осветлената централна просторија со отворена кујна и големи работни маси паралелно се одвиваат повеќе активности.  Овој центар има за цел да им помогне на корисниците да станат понезависни во секојдневното живеење.  Секое утро половина од групата оди во продавниците и супермаркетите блиску до дневниот центар, во набавка на потребни продукти за подготовка на дневниот оброк. Другата половина, пак, е задолжена за приготвување на храната. Другите активности во центарот вклучуваат уметност, музика, а од 2010 година и сексуално едукација.  Во една посебна просторија , Маријана Серфимовска Димитриеска држи час на група од околу десет млади жени.  Користи хамер со исечоци од двојки и поединци со цел да поттикне дискусија за тоа што е соодветно однесување во различни видови врски.

Групата ги набљудува фотографиите на кои има семејства, а Маријана пак им објаснува дека членовите на семејството мораат да исполнуваат одредени обврски и дека имаат одредени права во меѓусебните односи. Потоа дискусијата продолжува на тема пријатели. Што прават пријателите кога се заедно?

„Се дружат надвор од центарот, пијат кафе, работат во центарот“- вели групата.

„Дали пријателите се бакнуваат во уста?” – прашува Маријана.  Во хор одговараат „не, не, не“.  „Точно“-вели таа- „но можеш да се прегрнуваш со пријател, особено ако е несреќен или загрижен за нешто, а ти сакаш да го утешиш“.

„Но внимавајте“-  таа истакнува- „пријател со пријател не се бакнува во уста.  Не си ги допирате интимните делови од телото.  Кога пиеш кафе не се допираш со другиот”.

IPPF

Маријана поставува прашање за тоа што е дозволено во една врска со момче и девојка за разлика од врската за која веќе дискутирале.  „Гледајте на сликава, што гледате?“, ги потсетува таа.

„Во кревет, во спална, има и маж и жена.”

„Што прават?” -ги запраша Маријана.

„Лежат еден со друг.”

Маријана им ја опишува сликата: „Покриени се, но долу се голи.  Се држат за раце, си гледаат во очи , телата им се близу.  Си ги допираат лицата. Што  значи ова?  Сакаат да имаат блиски односи, или не?”

Групата се согласува дека сакаат да имаат близок однос.„Ваквата блискост е дозволена кај нив“-вели Маријана.  „Убаво се чувствуваат, имаат чувства еден за друг, сакаат да се заедно.”

Таа исто така енергично дава и друг аргумент: „Не мешајте го сексот со раѓање деца.  Секој пат кога имаш секс не значи дека ќе имаш деца.  Луѓето може да имаат секс само заради задоволството, не само за да имаат деца.”

„Можеме да се заштитиме со кондом“- вели една од групата. „Девојкава се смее зашто тоа и се допаѓа“-додава таа.

Маријана се согласи: „Навистина се смеат зашто им се допаѓа таквиот однос и на обајцата.  Не дека некој ги натерал на тоа.  Важно е кога имаш сексуална врска со некого, на обајцата да ви се допаѓа и да сте согласни дека треба да имате секс”.

Но, таа ги предупредува дека, иако момчињата и девојките можат да се допираат па и да имаат секс, не смеат тоа да го прават на јавни места.

На крајот, групата поминува низ други видови односи. „Докторот може да те допира но тоа е професионална врска“- им вели таа-„Нема прегрнување, нема интимни односи, а непознати лица што заедно се возат во автобус не се допираат и не си покажуваат љубов“.

„Имаше некои прашања што не знаеја сами да ги одговорат“- ни објасни Маријана.  „Велат дека имаат чувства за луѓето, ама не можат да си ги објаснат“.

„Имаше еден период кога многу од вработените почнаа да стапуваат во брак и да формираат сопствени семејства.  На корисниците ова им беше многу чудно. Ни се смееја, се кикотеа и не прашуваа дали сме имале секс. Сакаа да знаат како се раѓаат деца. Некои мислеа дека можат да забременат со бакнеж, како што ги научиле од дома“.

„Корисниците се многу заинтересирани и за хомосексуалноста,  сакаат да дискутираат дали тоа е добро или лошо.”

Маријана вели дека сесиите имаат позитивен ефект. „Како да сме привилегирани кога зборуваме за вакви работи со нив, без каков и да било срам . Тоа ни покажува колку сме им блиски.  Тие слободно зборуваат со нас за такви работи, можат да зборуваат за нивните чувства кон другите луѓе“.

„Сме зборувале за тоа дека не е ни лошо, ни срамно, ниту пак опасно ако почувствуваат потреба да мастурбираат  или да се допираат, како што ние тоа го нарекуваме, да го сторат тоа.  Но, исто така, внимаваме да им кажеме дека ова се прави во приватна просторија, кога се сами и под ќебе, со затворена врата.  Најдобрата и најпозитивна работа е тоа што ги натеравме да разберат дека не е нешто лошо или погрешно да имаш сексуална желба и сексуален живот.”

Утре следува II дел…