Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика соопшти дека Законот за субвенционирање на придонесите е на сила, Правилникот е објавен во Службен весник, а УЈП е подготвена да ги прими сите нивни барања и да ги направи потребните трансфери кон фондовите.
„Законот важи за сите компании и за сите вработени во реалниот сектор. Компанијата може колку сака да ја зголеми платата, но субвенционирањето на придонесите е за максимум шест илјади денари“. Газдата може и во неколку наврати да ја зголемува плата, но ќе користи субвенции за најмогу 6.000 денари, нагласи Царовска.
За таа цел во буџетот за идната година се одредени 2,4 милијарди денари, а се очекува за околу 20 до 25 отсто од вработените во приватниот сектор да биде искористена оваа мерка.
Сања Лукаревска, директорка на УЈП, нагласи дека постапката е едноставна.
„Барањето за субвенционирање на придонесите работодавачите го поднесуваат преку месечната пресметка за интегрирана наплата, образец МПИН, со внесување на ознака за лицето за кое побаруваат субвенционирање. Со внесување на шифрата, УЈП и за вработениот за кој се бара зголемување на платата – осигуреникот, а и за работодавачот, ја проверува исполнетоста на законските услови и во декларацијата за прием дава известување до работодавачот. За лицата за кои се одобрува субвенционирање, работодавачите ќе добијат порака дека се исполнети условите, а доколку не се исполнети условите се издава предупредување со појаснување на причината за неисполнување на условите. Субвенционирањето се врши директно во пресметката со намалување на износот на придонесот за плаќање“, рече Лукаревска.
-Пресметката и намалувањето се спроведува преку целосно автоматизирана процедура, со што е овозможено работодавачите, на наједноставен начин, со внесување на шифра и без дополнителни пресметки, да го остварат законското право. Софверското решение е прилогодено и денес на страницата на УЈП ќе биде објавена и новата верзија, рече Лукаревска.
Земени се предвид и исплатите на минималната плата, за кои придонесите се плаќаат до најниска основица. Пример, ако платата се зголеми од 12.500 на 14.500, ќе има субвенционорање на придонесите пресметани на разликата на зголемување.
Субвенционирање почнува со исплата на плататa за октомври годинава и ќе трае заклучно до 31.10. 2022 година. За исплатените плати за октомври работодавецот кој бара субвенционирање, треба да поднесе исправки, а повратот ќе биде автоматски седниот месец.
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи, им порача на сите работодавачи, без страв и колебање да ја искористат оваа шанса, да не се плашат од контроли ако бараат субвенционирање, а сами можат да одлучат кој месец ќе ги побараат субвенциите.