Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која се повикува на „хуманитарно примирје“ во Газа

Резолуцијата со која се повикува на прекин на огнот во Газа, во која не се споменува терористичката група Хамас, со големо мнозинство помина на Генералното собрание на Обединетите нации.

За резолуцијата што ја воведе Јордан гласаа сто и дваесет земји, додека само 14 гласаа против, вклучувајќи ги САД, Австрија, Хрватска, Чешка, Фиџи, Гватемала, Унгарија, Израел, Маршалските Острови, Микронезија, Науру, Папуа Нова Гино, Парагвај и Тонга.

Четириесет и пет земји беа воздржани, вклучувајќи ја и Македонија, покрај Австралија, Канада, Финска, Германија, Грција, Индија, Ирак, Италија, Јапонија, Холандија, Полска, Јужна Кореја, Шведска, Тунис, Украина и Велика Британија.

Резолуцијата повикува на итен прекин на огнот во Газа, ослободување на сите цивили, заштита на цивилите и меѓународните институции и обезбедување безбеден премин на хуманитарна помош во Појасот.

Иницијативата е целосно симболична, но ја нагласува огромната меѓународна поддршка за Палестинците во услови на воена кампања на Израел по нападот на Хамас на 7 октомври.

Канада бараше да се додаде амандман на резолуцијата за да се вклучи осуда на Хамас, а мнозинството членови го поддржаа предлогот, но тој не го достигна двотретинското мнозинство потребно за да биде усвоен.

Одлуките на Генералното собрание не се правно обврзувачки, но имаат морална тежина поради универзалноста на членството.