ГЕРБ останува водечка политичка сила во Бугарија

Два месеца по одржувањето на предвремените парламентарни избори не се забележуваат значителни промени во довербата во бугарските партии, а Граѓани за европски развој на  Бугарија (ГЕРБ) останува прва политичка сила со 25,8 отсто од гласачите, покажува истражувањето на јавното мнение на агенцијата Тренд.

По партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов, според довербата на граѓаните и натаму е партијата Промените продолжуваат со 19,2 отсто, Движењето за права и слободи има 11,6 отсто, а потоа националистичката Препород со 11,3 отсто. Бугарската социјалистичка партија го задржа петтото место со 9 отсто. Партијата Демократска Бугарија има поддршка од 7,3 отсто, а партијата на поранешниот премиер Стефан Јанев – Бугарски подем е на прагот да влезе во Народното собрание со 4 отсто.

Според анкетата на Тренд, партијата на Слави Трифонов – Има таков народ има 3,1 отсто и доколку сега би се одржале избори не би го минала прагот за влез во Народното собрание (парламентот).

Малку повеќе од една четвртина од учесниците во истражувањето, или 26 отсто, позитивно ја оценуваат работата на техничката влада во Бугарија.

Истражувањето покажува пад на довербата во активностите на претседателот Румен Радев. Во декември 42 отсто од анкетираните дале позитивна оценка за неговата работа, а 46 отсто негативна. Намалувањето на позитивната оценка на претседателот главно се должи на повлекувањето на поддршката во последните месеци од поддржувачите на Промените продолжуваат и Демократска Бугарија.